Судот да му изрече највисока казна на Никола Груевски , а за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената, предложи јавната обвинителка Лиле Стефанова во завршните зборови за предметот „Плацови на Водно“. Воедно, обвинителката денеска од судот побара конфискација на становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”. Што се однесува на останатите обвинети застапникот на обвинението го процени како исклучително важен исказот на обвинетиот Ристо Новачевски и му предложи на судот истиот да биде условно казнет. Додека за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.
– Никола Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот. Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствијата кои му се ставата на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент” за становите во „Панорама“ – рече обвинителката Стефанова.
Одбраната на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кој се суди во отсуство истакна дека судот треба да им довери верба на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.
Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.
Според обвинението за случајот „Плацови на Водно“, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, обвинетиот Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.