Близу 70.000 гласа беа неважечки на последните локални избори. Тоа само по себе е извонредно голема бројка. Соговорниците ни обрнуваат внимание дека тоа е еден специфичен општествен феномен што не треба да се игнорира, туку напротив, треба подлабоко да се анализира и да ѝ се претстави на јавноста, а особено на политичките чинители во државава. Но како што стојат работите сега, неопходно е и партиите да се заинтересираат да го потегнат ова прашање. А од Државната изборна комисија (ДИК), пак, тврдат дека не е во нивна надлежност да прават анализа на неважечките ливчиња и да утврдуваат од што е предизвикана таквата реакција кај граѓаните
Ст(р)авот на голем број граѓани е содржан во неважечките ливчиња од изборите
Три месеца по завршувањето на локалните избори се игнорира што содржи „пораката испратена од близу 70 илјади гласачи“, кои својот став за одредени состојби во земјата го искажаа со поништување на гласачкото ливче. Дали немањето законска регулатива како да се постапи со доверливиот изборен материјал се претвори во некој вид алиби за тоа како да не се утврди „на што се должи ваквата граѓанска реакција, која во демократска држава би го вклучила алармот, бидејќи токму од граѓаните се црпи легитимитетот за секое државно управување“. За жал, кај нас оваа појава очигледно не предизвикува никаква загриженост, без оглед што, според процена на политичките аналитичари, трендот на ваквите постапки на граѓаните, за следните избори, може да продолжи во истиот стил. Ваквиот феномен во едно демократско општество сигурно содржи некакви граѓански пораки, кои се рефлексија на одредени движења и за што политичките чинители мора да бидат свесни, а своите програми и чекори на дејствување, партиите да ги приспособат според тие масовно искажани пораки. И научноистражувачкото толкување во врска со ова не е за отфрлање, велат наши соговорници, посебно од социолошко-политички аспект, за да можат носителите на политиките да ги приспособат своите програми за работа според пулсот на таа голема група граѓани. Имено, според нив, „токму таквите анализи можат да им бидат од полза на партиите, кои ќе можат да изготват нова стратегија, да ги подобрат програмите и проектите, со цел да ги мотивираат и привлечат незадоволните граѓани да гласаат за нивната опција, наместо да го уништуваат ливчето. Со тоа и самите партии добиваат поголем граѓански легитимитет“.
ДИК нема никаква обврска да направи анализа за неважечките ливчиња
Сето ова ја наметнува дилемата како треба да постапи државата при третманот на еден ваков негативен општествен феномен, за да ги согледа појавите во форма што само ќе се продлабочува, доведувајќи се во ситуација во иднина власта да се добива со 300 илјади партиски гласови, што во никој случај нема да биде вистински одраз на демократското расположение во општеството и реален одраз на волјата на мнозинството граѓани. Тоа во превод би значело дека наместо демократизација на македонското општество, ќе се оди кон уште поголема општествена партизација.
Повеќе од јасно е дека близу 70.000 неважечки гласови на последните локални избори само по себе се огромна бројка, така штодоколку се продолжи со трендот на игнорирање на причините за такво однесување, тоа само дополнително ќе прогресира на секој следен изборен циклус. Но како што стојат работите сега, неопходно е и партиите да се заинтересираат да го потегнат ова прашање. А од Државната изборна комисија (ДИК), пак, тврдат дека не е во нивна надлежност да прават анализа на неважечките ливчиња и да утврдуваат од што е предизвикано незадоволството на граѓаните.
– Во согласност со законот, немаме никаква обврска да правиме анализа на овие неважечки ливчиња. Тие се ставени во вреќи, станува збор за доверлив материјал што не смее да се отвора – вели првиот човек на ДИК, Александар Даштевски.
Според него, овој материјал може да се отвори само во постапките по жалби и никако поинаку.
– Дел од материјалите отворивме само во постапките по жалби. Наша надлежност е само технички да ги спроведеме изборите, немаме обврска да правиме анализи и извештаи за неважечките ливчиња – категоричен е првиот човек на ДИК.
Ќе расте бројот на неважечки гласачки ливчиња?
Првиот човек на Институтот за демократија, Марко Трошановски, се согласува дека бројката на неважечки ливчиња е огромна, а е резултат на непривлечната понуда на партиите, која станува сè помалку прифатлива за граѓаните.
– Врз база на толкав број неважечки гласачки ливчиња и нивниот раст на секои нови избори, повеќе од јасно е дека политиката не испорачува решенија, ниту, пак, политичката понуда кореспондира со барањето на оној неопределен дел на електоратот, кој не се препознава во партиите – вели Трошановски.
Тој смета дека ваквата ситуација кога никој не прави анализа зошто расте бројот на неважечки ливчиња на секои нови избори, всушност, им оди во прилог на партиите.
– Ова на некој начин им одговара на дел од партиите што имаат создадено голема клиентелистичка база низ годините преку разни партиски вработувања, особено во администрацијата, која им е сигурен поддржувач на секои избори и затоа целта на самите партии е повеќе да ги пасивизираат неопределените гласачи и да се посветат на стабилното партиско гласачко тело – истакнува Трошановски.
За него проблемот е во тоа што граѓаните сè помалку се препознаваат во која било политичка опција, а за импулс за просперитет во едно општество, тоа не треба да биде така.
– Очигледно, низ неважечките ливчиња гласачите не се препознаваат во ниту една партија. Порано беше поинаку, имаше прелевања од една во друга политичка опција бидејќи препознаваа добри решенија. Сега тоа не е случај и тоа покажува колку е политиката отуѓена од граѓаните. Посебно прашање е дали на партиите им одговара да создадат амбиент каде што неопределените гласачи ќе ги одлучуваат изборите, а сигурен сум дека на најголемиот дел, особено на поголемите партии, тоа не им одговара – заклучува Трошановски.