Фото/Илустрација: Пиксабеј

По неколкумесечна дискусија, партиите на германската коалициска влада постигнаа договор за реформа на Законот за заштита на климата, што овозможува пофлексибилен однос кон емисиите на јаглерод диоксид (CO2).
Досега постоеше правило според кое министерствата беа обврзани да донесат итни мерки доколку нивниот сектор ги надмине дозволените емисии на CO2 во претходната година, што често беше случај со транспортниот и градежниот сектор. Поради тоа дојде до конфликти во владејачката коалиција на социјалдемократите, зелените и либералите, а Министерството за транспорт се закани дека ќе го забрани возењето во недела доколку зелените не се согласат на пофлексибилно толкување на законот.
– Со укинувањето на годишните климатски цели по сектори, ја отстранивме можноста за забрани за сообраќај – рече потпретседателот на репрезентативниот клуб на Либерално-демократската партија (ФДП), Лукас Келер.
Сојузната влада тврди дека олабавувањето на Законот за климата не ги намалило општите климатски цели што предвидуваат климатска неутралност во Германија до 2040 година.
– Законот предвидува и стимулации за инвестиции во соларна енергија – изјави претставникот на Социјалдемократската партија, Матијас Миерш.
Германија редовно, особено во транспортниот и градежниот сектор, го прекршуваше Законот за климатски цели донесен од владата на Ангела Меркел во 2021 година. Поради тоа, разни еколошки здруженија успешно ја тужеа германската влада пред Европскиот суд на правдата.
Еколошкото здружение БУНД го критикуваше компромисот за намалување на критериумите. „Наместо преземање обврски и конкретизирање на одговорноста за прекршување на целите, со новиот закон сега се воведува неодговорност и се укинува казнувањето“, се наведува во соопштението на БУНД.