Во последно време во медиумите и во јавноста голем интерес побудуваат и исклучително се коментираат случаите каде што има индиции за сторени злосторства против човештвото и геноцидот. Тоа се тешки кривични дела што никогаш не застаруваат. Случаите во Украина ја разбрануваа светската јавност, но како да се заборава дека истото тоа ѝ се случи и на Македонија во 2001 година, кога имаше повеќе случаи на воени злосторства. Затоа и граѓаните и институциите треба да се заинтересираат и да се расчистат и истераат и овие случаи докрај

Отворањето на темата за воени злосторства во Украина потсетува и на
блиското минато во Македонија

Во војната во Украина, според меѓународните правни експерти, постојат елементи за отворање нови случаи за „сторени злосторства против човештвото“. Светските агенции пренесоа морничави слики од цивилни жртви како лежат по повлекувањето на руските воени единици од градот Буча, но Русија веднаш ги отфрли овие тврдења и ги нарече воена „пропаганда“. Меѓународната заедница не чекаше и веднаш побара да се отвори предмет што ќе ги истражи околностите под кои загинале украинските цивили. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, инстант и без соодветна истражна постапка предложи повеќе санкции против Русија по ваквите и слични извештаи од Украина. И македонскиот премиер Димитар Ковачевски на својот твитер-профил порача „насилството врз цивилите да запре веднаш, а извршителите и наредбодавачите на овие злосторства мора да бидат изнесени пред лицето на правдата“.

Основите на сомневање за извршени воени злосторства се секогаш предмет на истрага и судско процесирање

По војната во поранешна Југославија беа отворени предмети за сторените воени злосторства, за што беше потребна долга и сложена судска постапка за изрекување на пресудите за извршителите. Хашкиот суд во 2021 година ја потврди доживотната казна затвор за поранешниот воен командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, откако ги одби сите негови жалби. Тој е осуден за геноцид и злосторства против човештвото извршени над несрпското население за време на војната во БиХ од 1992 до 1995 година. Во судските постапки за геноцидот во Сребреница, од меѓународните судови и судовите во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија беа осудени 47 лица, кои беа наредбодавачи или извршители на направените злосторства.
Дваесетина години по завршувањето на војната во Косово се отворија некои предмети пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, кои беа оставани во судските фиоки под притисок на политичките партии, но и замижувањето на меѓународните судски институции и од западните држави. Пред две години во Судот во Хаг беше поднесено првото обвинение за воените злосторства во Косово. Обвинението е подигнато против поранешниот шеф на разузнавачката служба на Косово и еден од основачите на ОВК, Салих Мустафа, кој е осомничен за сторените кривични дела лишување од слобода, сурово постапување и мачење над најмалку шест лица во периодот од април 1999 до 19 април 1999 година, во објекти во местото Злаш во Косово, кои служеле како затвор. По наредба на Специјализираното обвинителство беа уапсени двајца водачи на Организацијата на воени ветерани на ОВК, Хисни Гуцати и Насим Харадинај. До Судот во Хаг беа отворени постапки против косовскиот претседател Хашим Тачи и неговиот близок соработник Кадри Весели.

Повторно отворање на случаите за воени злосторства во воениот конфликт во Македонија

Во Македонија незавршени останаа четирите клучни случаи, „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“, за кои постои правна можност тие повторно да бидат процесирани, доколку постои политичка волја.
Поранешниот претседател на Уставниот суд на Македонија, Трендафил Ивановски, очекува последните случаи во Украина да излезат на виделина пред светската јавност пред правдата, а одговорните лица за воените злосторства да одговараат.
– Секако, тоа го очекува и светската јавност. Воените злосторства не застаруваат. Досега за овие дела се водеа процеси пред Меѓународниот суд во Хаг, а се донесуваа за воени злосторства сторени на поранешните југословенски простори. Верувам дека тоа ќе биде проширено и за други дела во Украина, но за тоа треба да се одлучи од меѓународната заедница, Обединетите нации и Советот за безбедност. За жал, политиката и политичките интереси секогаш се мешале во правдата. Ако се постапи така и во наредните случаи, тогаш, воопшто не треба да се оди и на суд. Апсурдно е да се отвора постапка, ако политиката се вмеша во правдата, како што е апсурдна и целата оваа војна. Доколку се остават овие злосторства нерешени, тоа ќе остави црна дамка во современата цивилизација. И во нашиот случај во воениот конфликт во 2001 година беа подготвени неколку предмети, за кои беа документирани воените злосторства и имаше и осомничени лица. Предметите беа испратени во Хаг, но под објаснување дека судот е презафатен, тие ни беа вратени да се решаваат во националното судство. Тука се вмеша политиката и се направи лоша услуга. По барањето за автентично толкување, целата постапка заврши килаво. Според моето мислење, беше направена грешка. Наспроти тоа што за воените злосторства нема застарување, не верувам дека повторно ќе се отвори нова постапка. Прашањето за Хашките случаи беше поставено и пред Уставниот суд. Тогашните уставни судии го прифатија автентичното толкување, но јас имав одвоено мислење – ни изјави Трендафил Ивановски.
Како што е познато, темата за одговорноста за сторените кривични дела за периодот на воениот конфликт во Македонија во 2001 г. беше „решен“ со политички и меѓупартиски договор. Под закрилата на етничко помирување беше донесена амнестија за сите учесници во паравоени формации од поранешната ОНА и за предметите што се однесуваа на воените злосторства, кои според меѓународното право никогаш не застаруваат и не можат да бидат предмет на „општо простување“. Во Македонија сѐ уште останаа неразјаснети и не се затворени случаите за злосторство од страна на борците на ОВК и на ОНА. Четирите клучни случаи „Водството на ОНА“, „Непроштено“, „Мавровски работници“ и „Липковска брана“ беа процесирани во Меѓународниот суд на правдата во Хаг, но во 2008 година тие беа вратени во надлежност на македонските судови.

Според политичкиот аналитичар Тони Науновски, со одлуката на Специјалниот суд од Хаг да ги врати на домицилното судство, тие не беа затворени и остава простор за постапување по нив. Имено, Собранието на Македонија односно тогашното парламентарно мнозинство донесе амнестија, а претходно имаше и друга слична таква. Науновски смета дека предметите повторно можат да се вратат во судска постапка, по основа на сторени воени злосторства, посебно за случаите што се насочени директно кон цивили, како што е со предметите „Липковската брана“ и „Мавровските работници“. Теоретски постои законска можност за повторно враќање на Хашките случаи. Тоа може да го стори само Собранието на Македонија, тоа е органот што ја донесе одлуката за запирање на судските постапки. Меѓународниот суд донесе коректна одлука, за во некој поволен историски момент да се процесираат овие случаи за кои има индиции за сторени воени злосторства. Кај нас беше узурпирано правото од политиката – ни изјави Тони Науновски, во врска со прашањето за можното отворање на случаите за воени злосторства во воениот конфликт во Македонија. М.Ј.