Новиот премиер Христијан Мицкоски и членовите на Владата во Собранието дадоа свечена изјава, по изборот на новиот владин состав што го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, партиите од коалицијата Вреди и ЗНАМ.
Мицкоски пред давањето на заклетвата појасни дека придавката „Северна“ за него е срамна.
– Ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да, ќе правам сѐ, додека сум жив политички и како човек, сѐ што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам. За жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка, затоа што таа, за жал, е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам – рече Мицкоски.
Новиот премиер рече и дека нема да прифати уставни измени под бугарски диктат.
Тој најави и фуриозен почеток на работата на новиот владин состав.
– Ќе видите што значи работа за својот народ и што е мојата борба. Ветуваме дека уште во првите 100 дена ќе ги подигнеме стандардите. Затоа во првите 100 дена почнуваме фуриозно, со оптимизам, но и со огромна надеж – порача меѓудругото Мицкоски.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
На оваа седница свечена изјава даде и потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски.
Претседателот на Собранието Африм Гаши информираше дека до Државната изборна комисија ќе биде испратено известување колкумина пратеници станале дел од Влада за на нивно место да бидат делегирани други од соодветните листи за пратеници.