На пазарот сѐ почесто има предизвици со кои се судираат граѓаните. Најчеста малверзација што се прави кај половните возила е таканареченото враќање на километражата, со што купувачот се доведува во заблуда дека автомобилот поминал помалку километри од реалните. Со тоа ризикува, без оглед што автомобилот го платил неколку илјади евра, да добие возило чиј работен век одамна поминал и кое во секој момент може да откаже…

Истражување на „Кар вертикал“ за движењето на цените на пазарот на половни автомобили

Нискиот стандард ги принудува македонските граѓани многу почесто да се решаваат да купат половен автомобил наместо нов, што од друга страна носи големи ризици возилото да е многу повеќе амортизирано од она што им се прикажува при купувањето. Најчеста малверзација што се прави кај половните возила е таканареченото враќање на километражата, со што купувачот се доведува во заблуда дека автомобилот поминал помалку километри од реалните. Со тоа ризикува да добие возило чиј работен век одамна поминал и кое во секој момент може да откаже, без оглед што автомобилот го платил неколку илјади евра.
Ваквите констатации ги потврдуваат и статистиките, според кои, 16,1 отсто од сите половни автомобили се „штелувани“, поточно менувана им е километражата. Новото истражување објавено од страна на „Кар вертикал“, чија задача беше да истражи на кои автомобили најмногу им се менува километражата, покажа дека тоа најмногу се прави кај германските премиум-автомобили. БМВ М5 е моделот што е на врвот на листата на автомобили со лажирана километража, голема веројатност е и автомобилите стари од пет до 15 години да имаат штелувана километража. Истражувањето покажало дека дизел-автомобилите се поподложни на лажирање на километражата.
Македонските граѓани најмногу купуваат половни возила увезени од Германија, особено дизели стари меѓу пет и 15 години, па затоа веројатноста да налетаат на возило со „фингирана“ километража е доста голема. Автомеханичарите, кај кои многу брзо завршуваат овие автомобили, тврдат дека процентот на половни автомобили со штелувана километража е многу поголем од она што го покажуваат бројките во истражувањето.

– Сега и Германците, и Италијанците, и Швајцарците ги научија балканските финти и почнаа да ги штелуваат километражите за подобро да ги продадат возилата што во нивната земја, најверојатно, би завршиле во отпад. Јас можам да им советувам на граѓаните да обрнат внимание на неколку детали за да утврдат дали некоја километража е вратена.
Според него, посебно треба да се обрне внимание на внатрешноста, од чии детали може да се насети колку е користено возилото.
– Во ентериерот можат да обрнат внимание на деловите што се трошат при секојдневното возење, дали се во согласност со поминатата километража. Така, на пример, ако возилото поминало 50 илјади километри, не е вообичаено обрачот на управувачот да е истрошен. Исто така, ако возилото поминало 120 илјади километри, не е вообичаено обрачот на управувачот да биде како нов. Тоа значи дека ако забележиме нов обрач на управувачот, а пишува поминати 120 илјади километри, голема е веројатноста нешто да не е во ред и треба да се провери тоа. Исто треба да се обрне внимание на рачката на менувачот, педалите, тепихот под патосниците, седиштето, како и прекинувачите што секојдневно се користат – советува Димчевски.
Тој уште додава дека кога се купува половен автомобил, најдобро е возилото да поседува електронска сервисна книшка кај овластениот сервисер.
– Хартиените сервисни книшки исто се некаков показател, но тие можат лесно да се фалсификуваат и не ја прикажуваат реалната состојба на возилата – појаснува Димчевски.
Од една станица за технички преглед, од каде што посакаа да останат анонимни, велат дека постојат неколку начини на кои може да се утврди дали километражата на одредено возило е вратена назад.

– Сѐ зависи од староста на возилото. Проверката се врши на повеќе начини. Се врши на самото возило, бидејќи не е исто да се прегледа возило што поминало 40 илјади километри и возило што минало 240 илјади километри. Постојат разни показатели на поминатата километража, почнувајќи од состојбата на дисковите за сопирање, состојбата на издувниот систем, надворешната и внатрешната корозија и уште многу точки на кои треба да се обрне внимание. Просечната помината годишна километража во ЕУ е околу 40 илјади километри. Ако купувачот купува возило што е старо 10 година, а на километражата стои дека минало 170.000 километри, тоа е индикатор дека нешто не е во ред. Постои можност тоа да е реална километража, но веројатноста за такво нешто е исклучително мала – додаваат од станицата за технички преглед.
Од некои од овластените сервиси во земјава велат дека купувачите на половни автомобили треба од сопствениците на возила да бараат сервисна книшка за одржувањето на возилото, како и сметки за направените сервиси, со што ќе бидат сигурни дека автомобилот навистина ја минал километражата што ја прикажува.
– Само во присуство на сопственикот на возилото, или нотарски заверено писмено одобрување, идниот сопственик може кај нас во сервис да ги добие сите податоци за сервисната историја на возилото што е заинтересиран да го купи.

Во нашата база ги имаме сите податоци, што и кога е сервисирано на конкретното возило и колкава била километражата во конкретниот момент. Проблем е кога возилото е од увоз, бидејќи не може да се провери редовното сервисирање, туку можат да се проверат само интервенциите што се правени во периодот додека му траела гаранцијата и километражата во гарантниот период, но потоа немаме податоци – велат од овластените автомобилски сервиси.
Ниту увозниците на половни автомобили во земјава не се сигурни дека увезуваат автомобили на кои им е вратена километражата.
– Никако не можеме да се заштитиме од таквата појава. Единствено првиот газда може да ти каже дали е таа километражата. И таму прават фалсификати сервисни документи, така што целата работа е на жими мајка. Возилото поминало пет-шест газди, а ние увезуваме возила стари15 години, така што нема кој да ви гарантира дека километражата е таа – велат од автоплацот „Златески“.
Во услови кога финансиската моќ на повеќето македонски граѓани е слаба, единствено што им преостанува при купување половен автомобил е претходно да го однесат во некој сервис каде што може да се утврди кондицијата на автомобилот или едноставно само да му веруваат на продавачот и на својата среќа.


Непожелните автомобили од Европа завршуваат на Балканот

Стотици илјадници половни автомобили од Европа може да завршат на Балканот и во Македонија. Овие најави добиваат динамика поради зелените политики на ЕУ, кои ги принудуваат граѓаните од Европа постепено да ги исфрлаат од употреба постарите возила на традиционални горива.
Деновиве „Ал џезеира“ пишува дека огромен број дизел и бензин-возила од Европа, поради трендот на исфрлање од употреба и замена со електрични автомобили, можат да завршат во регионот.
Според податоците на Европската асоцијација на автомобилски производители (АЦЕА), во првите девет месеци од 2021 година, бројот на регистрирани возила на нафта или на дизел-гориво се намалил за девет и 8,5 отсто соодветно, споредено со временската рамка од претходната година. Од друга страна, бил забележан раст од 8,8 отсто во регистрациите на возила со хибриден електричен погон.
Според „Би-би-си“, продажбата на хибриди на Островот би била дозволена до 2035 година, но возилата со „чист“ бензински и дизел-мотор може брзо да исчезнат од продажните салони.
Слично како Британија и Норвешка веќе на големо ги исфрла старите возила на бензински или дизел-мотори. Според податоците на Норвешката федерација за патишта, електричните возила на батерија сочинувале 77,5 проценти од сите продадени нови автомобили во септември.

За разлика од ваквите европски трендови, состојбите во земјите на Балканот се доста поразлични и тука сѐ уште владеат возилата на бензин и на дизел.
Високата цена и недоволно развиената инфраструктура за полнење на батериите се главните причини поради кои во Македонија електричните автомобили буквално можат да се избројат на прсти.
Граѓаните велат дека стандардот не им дозволува да купат ново бензинско или дизел-возило, а не, пак, електрично.
Автоимпортерите во земјава велат дека тие во своите понуди имаат вклучено електрични возила, но дека интересот за купување сѐ уште е многу мал во споредба со европскиот пазар.
ЕВН пред речиси три години започна со спроведување на проектот „Електромобилност со ЕВН“, во чии рамки беа поставени околу 40 полначи за електрични автомобили низ земјата, а проектот продолжува и натаму.
Безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото. Неретко, токму возилото е причина за сообраќајна незгода со тешки и фатални последици. Сообраќајниот техничар Павле Крстевски вели дека е нормално да се претпостави дека ризикот во сообраќајот е поголем кај постарите автомобили отколку кај поновите.
Тој истакнува дека сепак, освен старосната граница, пресудно е автомобилите да ги минат редовно сите технички и регистарски прегледи предвидени со соодветните закони. А.С.