Речиси девет години по пожарот, кој се случи на 28 јануари 2013 година, конечно радосна вест за љубителите на планината и планинарите на Битола. По иницијатива на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и претседателката на Советот, Габриела Илиевска, во соработка со членовите на ПСК „Пелистер“, деновиве, токму пред опожарениот планинарски дом е донесена одлука планинарскиот дом „Копанки “ конечно да се обнови. На средбата, која беше отворена и за сите заинтересирани граѓани на Битола, беа потенцирани идните планови на Општината за обнова на планинарскиот дом „Копанки“. Локалната самоуправа ќе даде поддршка за обнова на објектот, кој е еден од симболите на Битола, за кој битолчани ги врзуваат голем број спомени, изграден во далечната 1938 година.
– „Копанки“ е на сите и ќе биде за сите нас. Она што неодамна го ветивме, од денес започнува да се реализира. Денес сме тука за да најавиме дека „Копанки“ ќе се реконструира во првата година од формирањето на Советот. За таа цел во буџетот на Општина Битола се предвидени средства за обновување на планинарскиот дом „Копанки“ во 2022 година – изјави Иван Чулаковски, советник во Советот на Општина Битола од независната листа Поинаку. М.М.