Скопје денеска го одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот од фашистичката окупација во Втората светска војна.
По повод празникот, предвидено е положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, како и на гробот на генералот Михајло Апостолски во Алејата на заслужните граѓани на градските гробишта во Бутел. Цвеќе ќе биде положено и пред споменикот на Ослободителите на Скопје, пред зградата на Владата.
Од Град Скопје информираат дека вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.
На денешен ден пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје беше ослободено од фашистичката окупација. Во ослободителните операции учествувале 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска, како и 16. Македонска бригада, чии борци по неколкудневни жестоки борби влегле во градот.
Борбите се воделе на повеќе локации низ Скопје, меѓу кои улицата „Илинденска“, просторот кај Главната пошта, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица.
Во текот на ослободителните операции, македонските борци успеале да ја спасат хидроцентралата „Матка“ од уништување, додека граѓаните учествувале во одбраната на Камениот мост од минирање.
Во борбите за ослободување на Скопје загинале повеќе од 420 борци, а за време на Втората светска војна животот го загубиле околу 4.600 скопјани.


































