Кривичен го одобри обвинението

Кривичниот суд во целост го одобри обвинението поднесено против Драги Рашковски и уште шест лица, поврзано со нелегална набавка на софтвер и перење пари.

Во соопштението се наведува дека обвинителниот акт против седум лица поврзан со нелегална набавка на софтвер и перење пари поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 8 октомври, од страна на Советот за оценка на обвинител акт е оценет и одобрен во целост.

– Обвинителниот акт со КО бр. 35/21 против Д.Р. обвинет за кривичните дела Злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело и против И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. обвинети за Злоупотреба на службена положба и овластување од КЗ, кој по жалба на одбраната на решение за определување привремени мерки за обезбедување имот на 18.10.2021 година беше испратен на надлежно одлучување во Апелациониот суд–Скопје, по враќање на предметот кај Советот за оценка на обвинител акт, донесено е решение со кое обвинението се одобрува во целост. По вака одобреното обвинение, оформен е кривично-правен предмет со КОК бр. 164/21 за кој откако, согласно АКМИС–системот, ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија и ќе биде насрочена главна расправа, странките и јавноста ќе бидат благовремено известени – е истакнато во соопштението од Кривичниот суд.