Потребна е промена на навиките на луѓето за справување со загадувањето, според проф. д-р Драган Ѓорѓев/Фото: Приватна архива

Професор д-р Драган Ѓорѓев за состојбата со воздухот во Скопје

Моментното загадување на воздухот во Скопје е вообичаено, а постојните мерки за справување со ситуацијата се козметички, додека Македонија е далеку од европските и светски прописи кои би можеле значително да придонесат за намалување на смртноста од аерозагадувањето, вели проф. д-р Драган Ѓорѓев, коментирајќи ја за „Нова Македонија“ состојбата на воздухот во главниот град по забележаното зголемено присуство на штетни ПМ10 честички во изминатите неколку дена.

– Состојбата со загадувањето не се менува. Моментно се соочуваме со класична ситуација, откако секојдневниот живот почна да се враќа во нормала во пандемијата. Помеѓу 17 и 20 отсто од вкупната смртност на годишно ниво потпаѓа на загадувањето, што изнесува три до три и пол илјади смртни случаи годишно поради срцеви слабости и мозочен удар. Аерозагадувањето, ковид-19 и грипот сега истовремено го напаѓаат имунолошкиот систем. Смртноста можеби е зголемена поради ковид-19, иако потешко е да се направи поделба во однос на загадувањето, но не очекувам промена на состојбата и во пресрет на добивањето на новите податоци – посочува Ѓорѓев.

Експертот за јавно здравство се осврна и на мерките воведени од градските власти во кои спаѓаат бесплатниот јавен превоз и зголемените инспекциски контроли додека аерозагадувањето со ПМ-10 честички не се намали под 100 микрограми на кубен метар.

– Мерките се козметички и за жал, се носат без консултација со нас и без проценка за нивните ефекти. Потребно е да се воведат мерки во текот на целата година, а не парцијални прописи. Потребно е да се сменат и навиките на луѓето, во кои спаѓаат и навиките за возење автомобил. Не треба да има по еден човек сам во автомобил со оглед на метежот во Скопје. Бесплатниот јавен превоз нема да смени ништо – смета Ѓорѓев.

Македонија е далеку од европските мерки за справување со загадувањето, како и од мерките на Светската здравствена организација (СЗО), кои според Ѓорѓев би можеле значително да ја намалат смртноста.

– Ефикасноста на мерките, пак, треба да се оценува преку бројките и податоците за смртните случаи. Ние не успеваме да дојдеме до европските мерки за кои се проценува дека би можеле да ја намалат смртноста за 10 отсто, а далеку сме и од мерките на Светската здравствена организација за кои се смета дека би можеле да ја намалат смртноста за 30 отсто – објаснува Ѓорѓев.

Тој вели дека владее тотална конфузија во врска со информирањето за состојбата на воздухот, нагласувајќи дека мониторингот е најрелевантен.

– Владее тотална конфузија со информирањето за состојбата на воздухот. Мониторингот е најрелевантен и има доволен број на мерни станици во согласност со референтната методологија. Се вршат 24-часовни мерења врз основа на кои се прават месечни и годишни пресметки, преку кои се проценува смртноста предизвикана од загадувањето на воздухот – заклучува Ѓорѓев.