По сменетата методологија за преговарање (за која Македонија доби француско вето за почеток на преговорите со ЕУ, веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор и промената на уставното име на државата), па потоа идејата за „ЕУ во повеќе брзини“, односно со концептот на францускиот претседател Макрон за т.н. Европска политичка заедница, со најновиот португалски предлог насловен „Европа со променливи геометрии“, сѐ поочигледна е намерата на Унијата да одолжува или да се извлече од ветувањата што ги дала за проширување со други земји. Аналитичарите во оваа идеја препознаваат нов еуфемизам на ЕУ за да не ги исполни ветувањата за проширување
Уште еден нов европски предлог-концепт за „проширување“ на Европската Унија
Досегашните пораки на претставниците од ЕУ за проширувањето, од видот „слушајте нѐ што ви зборуваме, а ние ќе правиме како нам ни одговара“, добија конкретна и јасна артикулација во обраќањето на португалскиот премиер Антонио Кошта на отворањето на конференцијата на Си-ен-ен во Лисабон, Португалија. Тој во својот говор директно кажа дека „Европската Унија, во контекст на сегашните институционални и буџетски услови, не може да ги исполни очекувањата за проширување, предупредувајќи дека „повратната реакција на лажните ветувања може да има драматични последици“. Португалскиот премиер го изнесе и својот предлог-концепт за проширувањето како „пат кон ЕУ со променлива геометрија“, во која „новата Европска политичка заедница нема да го тргне притисокот од земјите-кандидати за членство“. По сменетата методологија за преговарање (за која Македонија доби француско вето за почеток на преговорите со ЕУ, веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договори и промената на уставното име на државата), па идејата за „ЕУ во повеќе брзини“, најновиот концепт на францускиот претседател Макрон за Европска политичка заедница добива португалски акцент како „Европа со променливи геометрии“.
Европската Унија нема услови да ги исполни очекувањата што ги
создава сега
– Оваа криза го стави прашањето за проширувањето во центарот на дебатата – и тоа драматично го направи во однос на Украина, но исто така, дополнително, и во однос на многуте ветувања дадени во текот на годините од страна на Европската Унија, зголемувајќи ги очекувањата, особено во земјите од Западен Балкан. Европската Унија има многу јасни критериуми за пристапување на нови земји-членки, но, за жал, таа нема критериуми за сопствениот капацитет да прими нови земји-членки… Да бидеме јасни, со сегашната институционална структура, со сегашната буџетска архитектура, Европската Унија нема услови да ги исполни очекувањата што ги создава сега – смета португалскиот премиер Кошта, додавајќи дека ако очекувањата што некои европски лидери ги создаваат се само политички гест, тогаш ЕУ ризикува да го умножи низ Источна Европа она што веќе се случува со децении со недостигот од очекувања во врска со Турција. Во тој контекст, тој предупредува дека повратниот ефект од овие очекувања ќе биде огромна драма на краток рок, доколку тие бидат уништени, но Европската Унија мора длабоко да се преструктурира доколку не сака да се распадне поради новите пристапувања.
– Создавањето на Европската политичка заедница е важен чекор за да се обезбеди заедничка основа за глобалните прашања, вклучувајќи ги и енергетските прашања, за разновидна група земји на европскиот континент: оние што се надеваат да ѝ се приклучат на Европската Унија, оние што не знаат и оние што биле во неа и ја напуштиле, како што е Обединетото Кралство. Затоа, Европската политичка заедница нема да биде замена за Европската Унија, нема да биде алтернатива на проширувањето – порачува Кошта, додавајќи дека „притисокот на ЕУ врз земјите-кандидатки за проширување ќе остане на маса“.
Како крајна поента на своето излагање на конференцијата, португалскиот премиер заклучува: „Европа мора навистина да се организира во променливи геометрии! И тоа веќе го прави до одреден степен, бидејќи не се сите земји-членки во еврозоната или во шенген-зоната. За да бидеме успешни, мора да имаме Европа со променливи геометрии“.
Додека ЕУ го бара својот концепт на иднината, Македонија мора да
исполнува веднаш
Креативноста на европските бирократи за смислување слогани и пароли, со кои се обидуваат на „симпатичен и сликовит“ начин да ги пренесат својата незаинтересираност и замор од проширувањето на Унијата, во голема мера е прочитана и предвидлива кај земјите-кандидатки, дури и во Македонија, но врзувајќи ги своите национални стратегии исклучиво со перспективите за членство во оваа политичка заедница (плус и со членството во НАТО), се соочуваат со „застареноста на моделот“ на своите цели, наспроти динамичната промена на организациите кон кои се насочени сите визии за сопствената национална иднина. Притоа, додека ЕУ се преиспитува дали и на кој начин сака проширување, од земјите-кандидатки (особено од Македонија) бара веднаш да ги спроведат барањата и условите што ги смислува секоја нејзина земја-членка (а кои немаат никаква допирна точка со стандардните Копенхашки критериуми) само за да започнат преговорите за членство.
– На сериозните аналитичари одамна им е јасно дека ЕУ нема намера да се проширува, а понудата со безброј услови за членство до земјите-кандидати ја користи како мамка за да задоволи одредени интереси на веќе постојните нејзини членки. Сегашните уставни измени што ги бара ЕУ од Македонија за да ги започне преговорите се уште една мамка за да се задоволи Бугарија како нејзина земја-членка, како што претходно беше задоволена Грција. И сега, во македонскиот политички амбиент, политичарите од власта повикуваат на совеста на сите пратеници да гласаат за измените на Уставот за да се исполнат стратегиските цели, за што е постигнат консензус пред 30 години – членството во НАТО и во ЕУ. Притоа, како никој да не зема предвид дека веќе ништо не е како пред 30 години. Ниту НАТО и ЕУ се истите организации како пред 30 години, ниту Македонија е истата држава. Освен тоа, стратегиски цели треба да бидат националните интереси на државата, а членството во меѓународните организации како НАТО и ЕУ да биде алатка за остварување на таа цел. Во ова меѓувреме од три децении, при толкави промени на тие меѓународни структури што биле дефинирани како стратегиски цели на Македонија, ние никогаш не сме се преиспитале дали таквите нивни промени одговараат на нашите национални интереси. Ги распродадовме базичните вредности на државата, не работевме да внатрешната стабилност и Македонија стана играчка на геополитичките интереси, без да се приближиме сериозно до поставените цели од пред 30 години. Во мигов, ЕУ се бори за сопствениот опстанок, а од нас бара слепа послушност, но нема намера да се занимава со нашите прашања, проблеми и интереси – вели поранешната амбасадорка и новинарка Мелпомени Корнети.
Во контекст на флоскулите за партнерство и усогласеност со надворешната политика на ЕУ и НАТО, како наратив на македонските политичари од власта, кој треба да создаде перцепција дека сме рамноправен партнер (барем во одредени прашања) со организациите во кои Македонија членува или има амбиции за членство, амбасадорката Корнети ја преиспитува нивната веродостојност.
– Недокажани во практиката и реалноста се тие наративи за „партнерство и усогласеност со надворешната политика на ЕУ и НАТО“, зашто без учество во креирањето на тие политики, не можеме да бидеме партнери, туку само спроведувачи, послушници – порачува Мелпомени Корнети.
Неисполнетите ветувања на ЕУ може да предизвикаат драматични работи со Европа
Сите метафори и слогани што се смислуваат во бриселските канцеларии за да се намалат очекувањата за проширување кај земјите-кандидатки, но да продолжи притисокот врз нив за исполнување на условите што им се поставуваат во името на ЕУ-иднината, се чини дека сосема ја имаат изгубено врската со појдовните идеи, принципи и вредности на Унијата како заедница на рамноправни и солидарни држави и народи. Тоа е најизразено кај принципот на консензус во одлучувањето, што се претвори во алатка за уцена на земјите-членки спрема земјите-кандидатки, но и за меѓусебно уценување. Дипломатот Љупчо Арсовски, прв македонски амбасадор во Грција од независноста на Македонија, смета дека предлог-проектот за „ЕУ со динамични геометрии“ уште повеќе ја оддалечува Унијата од оригиналната идеја за нејзиното создавање заедница со демократски принципи, кои важат еднакво за сите во неа, како и неприкосновено почитување на основните човекови права, вградени во основачките документи на ЕУ.
– Колку повеќе во ЕУ се обидуваат да ја оправдаат незаинтересираноста за проширување, толку повеќе идејните проекти звучат поапсурдно. „ЕУ со динамични геометрии“ изгледа како нов еуфемизам за неисполнување на ветувањата што ЕУ им ги дава на земјите-кандидатки, но и уште едно заговарање на повеќе категории членки во Унијата. Сепак, неисполнувањето на ветувањата може да предизвика драматични работи во Европа, особено ако ЕУ и понатаму притиска од страна на кандидатите да се исполнуваат измислените услови на нејзините членки, кои немаат врска со критериумите за проширување. Македонија направи големи и драматични промени во својата државна и национална дефиниција за да ги исполни барањата на ЕУ, за да започне преговори за полноправно членство, а во меѓувреме Унијата не може да го пронајде концептот на сопственото предефинирање. Сите глобални кризи што нѐ снајдоа во последниве десетина години (мигрантската криза, пандемијата, воената криза во Украина, што ја создаде и енергетско-економската криза) само ги потенцираа себичноста и несолидарноста на членките на ЕУ. Наместо заедништво во дејствувањето, секоја земја инсистира на сопствениот суверенитет и национален интерес. Механизмите за одлучување, како консензуалноста, но и носењето одлуки со мнозинство, се користат за меѓусебна уцена, но и условување на земјите-кандидатки. Македонија во повеќе наврати е жртва на злоупотребата на принципите на одлучување во ЕУ од соседите што се членки на Унијата. Големата грешка во пристапувањето во ЕУ што ја направивме е што се прифати уставните измени да се направат пред почетокот на преговарачкиот процес, а не пред самиот влез во ЕУ. Сега сме заглавени во бриселскиот апарат, зад кој стои секоја земја-членка со суверени ингеренции – вели амбасадорот Љупчо Арсовски.