Фото: Игор Бансколиев

Јасно дека меѓу овие над 300 илјади празни станови најголем удел имаат становите во стари згради и наследените семејни куќи, кои поради нерешените имотноправни односи меѓу повеќе сопственици не можат ниту да бидат ставени на пазарот, но прашањето е зошто тогаш повеќе внимание не им се даде на решавањето на овие состојби и на обновата на старите градби, наместо на интензивната изградба на повеќекатници во урбаните населби, пред сѐ во скопските

СТАНУВА ЛИ МАКЕДОНИЈА ЗЕМЈА НА СПУШТЕНИ РОЛЕТНИ

Откако беше регистрирано дека во изминативе две децении се испразнети уште 58 населени места, со што бројката се искачи на 205, во последниот сет податоци од ланскиот попис, Државниот завод за статистика објави дека од вкупно 839.174 стана во земјава, 531.987, или 63,4 отсто, се населени, а 307.187, или 36,6 отсто, се празни.
За некои тоа, можеби, е изненадување, но за оние што внимателно ги следеа пописните бројки веќе можеше да се насети ваквата ситуација, бидејќи уште при објавувањето на првиот сет на пописните резултати беше објавено дека Македонија, со сегашните 1.836.713 жители, има 598.632 домаќинства и 839.174 стана, при што просечниот број на членовите на домаќинствата изнесува 3,06. Притоа беше пресметано дека вкупното население во земјава во изминативе две децении е намалено за 185.834 лица, додека бројот на домаќинства е зголемен за 34.336, а на становите за 141.031.
Тоа се бројките што јасно можат да се потврдат дури и со незадолжителна прошетка низ Македонија. Освен напуштените села, притоа и во ненапуштените села, населби, па и градови, можат да се видат голем број живеалишта во индивидуалните и во колективните градби од чија состојба веќе на прв поглед може да се заклучи оти подолго време не се користени, па дури и дека се целосно запуштени или подолг период огласени за продажба.
Инволвираните во бизнисите со недвижности, секако, нема да го признаат тоа, поради што и во јавноста постојано се потенцира дека цената на станбениот квадрат во Македонија продолжува да расте. Но никој не ги наведува конкретните бројки за понудата и за побарувачката, освен тоа дека во изминативе неколку години има од пет до седум илјади непродадени новоизградени станови на годишно ниво, додека дури и двојно повеќе од тоа и понатаму се гради.

– Во услови на општа несигурност и бесперспективност, на луѓето им стана многу битно да купат понекое станче, дури и ако за некои 30 или 40 квадрати мора да продаваат цели наследени имоти или да се задолжат. Значи, кај нас становите не се купуваат заради подобрување на квалитетот на живеењето или како инвестиција, туку за некаква сигурност. Притоа сѐ ѝ е препуштено на стихијата, државата го толерира тоа зашто нема никаква стратегија и станбена политика, а општините издаваат дозволи зашто најголемиот дел од приходите го остваруваат од наплатата на комуналиите. Во тој расчекор, многумина останаа без покрив над главата, поради што и многу луѓе ни се иселија – објасни неодамна архитектот Љупчо Балкоски, кој е актуелен пратеник во Собранието, но и поранешен министер за транспорт и врски и главен државен инспектор за градежништво и урбанизам.
Јасно дека меѓу овие над 300 илјади празни станови најголем удел имаат становите во стари згради и наследените семејни куќи, кои поради нерешените имотноправни односи меѓу повеќе сопственици не можат ниту да бидат ставени на пазарот, но прашањето е зошто тогаш повеќе внимание не им се даде на решавањето на овие состојби и на обновата на старите градби, наместо на интензивната изградба на повеќекатниците во урбаните населби, пред сѐ во скопските. Но дури и во Скопскиот Регион, со најголем број жители, 607.007, или 33,04 проценти од вкупното резидентно население на Македонија, кој е единствениот од сите осум региони каде што е зголемен бројот на жители за 28.863, или за 4,99 проценти, во однос на 2002 година, при порастот на бројот на домаќинствата за 29.204, или 15,14 отсто, бројот на становите пораснал за дури 54.858, или 22,55 отсто.
Оваа нелогичност, освен на пазарот на недвижности, е присутна и во владината политика, каде што и покрај тоа што голем дел мошне значајни капитални проекти остануваат нереализирани, упорно се продолжува со изградбата на повеќекатници со таканаречените социјални станови.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при увид во изградба на социјалната зграда во Велес, пред околу еден месец, изјави дека во изминативе години биле изградени или во фаза на изградба се вкупно 853 социјални стана во четиринаесет општини низ државата. Некои од нив веќе биле распределени, а некои биле во завршна фаза и во наредниот период можат да се очекуваат јавни огласи за нивната распределба. А, барем како што е најавено, Владата планира да продолжи со овој проект.

– Разговаравме со министерот за продолжување на овој проект и затоа активно работиме на расчистување на имотноправните работи на други локации во општините. Банката даде позитивно мислење за нов заем и на добар пат сме да продолжиме да градиме и низ други општини и да го решаваме станбеното прашање за ранливите категории граѓани – објасни притоа Кристијан Трајковски, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Д.М.М.