Фото: Архива

Спокојно и без брзање, затоа што е невистинита тезата дека „нема да има друга понуда“ или, пак, дека „нема да има нови преговори“

Ставот на Германија е дека прво треба да има реформа на Европската Унија, а потоа да има проширување. Таков е ставот и на Франција. Според познавачите на ЕУ, „ако успее таа реформа, тогаш проширувањето ќе биде вистинско, но ако не биде така, тогаш ќе има некакви утешни награди. Ќе ни дадат повеќе пари од ИПА-фондовите, ќе станеме дел од единствениот пазар, што за нас и не е толку добро, бидејќи нашата економија не е подготвена да се соочи со силината на европскиот пазар“…

Има повеќе македонски поговорки и народни мудрости што се однесуваат на брзината на носење на одлуките, па се вели дека не секогаш најбрзиот пат е најдобар и најсигурен, туку подобро е да се оди претпазливо и одоколу, или дека брзата кучка слепи кутриња раѓа итн. Но дали македонските политичари го слушаат гласот на народот и црпат поуки од народната мудрост.
Токму во перидот што следува, во наредните неколку месеци, Македонија е исправена пред носењето на неколку клучни одлуки што се однесуваат на нашата европска интеграција, но задираат и во националните и идентитетски прашања и се однесуваат на нашиот опстој како држава и како македонски народ. Во таа насока, пред јавноста често се наметнува и дилемата за брзината и итноста во одлучувањето, дека наводно веќе нема време за чекање, дека се потребни брзи одлуки, да се избере „најкраткиот пат“, да се прифатат наметнатите условување, да се смени Уставот, со надеж дека тоа можеби ќе ни ги отвори вратите кон ЕУ? Но, според аналитичарите, токму едно такво ново избрзување и избирање на наводно пократкиот пат, може лесно да се претвори во кошмар за македонскиот народ и држава и практично зачекорување по најдолгиот пат, по патот на бесконечноста, на кој нѐ чекаат нови блокади, условување, нови вета или, со други зборови, по патот што не води кон ЕУ туку кон целосно обезличување и исчезнување на Македонија.

Во период кога во ЕУ засега сѐ уште само декларативно се говори за нејзино проширување, нема никакви цврсти гаранции ниту прецизни рокови кога евентуално би влегле во Унијата, сѐ погласно се говори за некаква втора лига на ЕУ, од Македонија се очекува да направи вивисекција на жив организам и на своето национално ткиво, со уставен хируршки рез да го пресече своето идентитетско опстојување и да прифати наметнати и лажни историски наративи. Тоа со сигурност не може да биде патот што води кон ЕУ.

Познавачите на состојбите во Европската Унија се согласни во констатацијата дека воопшто нема потреба од никакво брзање и носење одлуки што би биле на штета на македонските граѓани и држава. Дотолку повеќе што и во рамките на самата Европска Унија од неодамна започна внатрешна дебата во кој правец ќе оди Унијата и какви реформи треба да се направат.
– Ставот на Германија е дека прво треба да има реформа на Европската Унија, а потоа да има проширување. Таков е ставот и на Франција. Меѓутоа има друга група на земји, која не е толку мала, од 13 до 15 земји, меѓу кои се Хрватска и Словенија, кои сметаат дека не треба да има реформа и може нешто да се адаптира. Тоа донекаде е и став на Европската комисија. Шведска исто така смета дека не треба да има реформа на ЕУ, бидејќи тоа може да трае и повеќе од 10 години – вели Светлана Јовановска, долгогодишна дописничка од Брисел и одлична познавачка на случувањата и состојбите во Унијата.

Според неа, таа дебата се отвора сега и сѐ уште не знаеме како ќе заврши.
– Ако успее таа реформа, тогаш проширувањето ќе биде вистинско, но ако не биде така, тогаш ќе има, би рекла, некакви утешни награди, ќе ни дадат повеќе пари во ИПА-фондовите, ќе станеме дел од единствениот пазар, што за нас и не е толку добро, бидејќи нашата економија не е подготвена да се соочи со силината на европскиот пазар. Многу зависи како ќе се одвива таа дебата и какви ќе бидат резултатот и заклучокот од таа дебата внатре во ЕУ- смета Јовановска.

Таа сепак нагласува дека и да не почнеме преговори со ЕУ, ништо посебно нема да се случи.
– Слушам дека ќе сме го пропуштеле последниот воз, дека ќе имало изолација, но не верувам во сето тоа. За да ве стави ЕУ во изолација и да ви го сврти грбот, вие треба да ја претворите земјата во диктатура. Апсолутно е нелогично да кажете дека земјата ќе ви остане изолирана, затоа што всушност вие сте демократија. Нашата дебата околу уставните измени, колку и да е остра, колку и да има навреди помеѓу партии, сепак е демократија, затоа што ние разговараме за најважниот правен документ во нашата земја, а тоа е Уставот на државата, и каков треба да биде. Колку што ми е познато, во државата ретко кој е против влезот на бугарското малцинство во Уставот, но клучното прашање е како да се направи тоа и кога – нагласува Јовановска.

Таа уште порачува дека во однос на прашањата поврзани со европската интеграција треба да направиме национален консензус и да се договориме како понатаму.
– Тој консензус не е битен само сега за Уставот, туку воопшто за да може да преговараме, бидејќи тие преговори ќе траат долго – смета Јовановска.

„Нова Македонија“ во серија написи досега во однос на промените на Уставот имаше анкети и истражувања, а и конкретни предлози, при што потенцираше дека првенствено е потребна измена со која ќе се рафинираат значењето и улогата на македонскиот народ како единствен носител на државноста, а понатаму непречено може да се внесат и други малцинства, вкопувајќи го и бугарското.