Фото: Игор Бансколиев

„Концептот кој власта го предлага како даночна реформа не е ништо друго освен нов товар за граѓаните и бизнисот за да се покрие криминалот, корупцијата и недомаќинското работење на владата на СДС и ДУИ. Всушност не се работи за даночна реформа, затоа што нема стратегиски пристап и не го оценува севкупниот економски ефект. Истиот ќе дестимулира одредени сектори, ќе се намалат приливите и инвестициите и ќе се намали расположливиот доход на граѓаните. Што значи тоа ќе има негативно влијание врз економијата“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа т.н. реформа, велат оттаму, негативно ќе влијае врз ликвидноста на компаниите и нивните планови за идни инвестиции, додека уште поголем товар се става на малите и микро компании кои ќе бидат приморани да се префрлат во неформалниот сектор. Истата ќе доведе до нов одлив на работници кои лебот ќе го бараат во странство.

-Ова што сака власта да го направи е во корист на криминалот, сивата економија и неплаќачите на данок, а на штета на легалните бизниси и граѓаните. Воедно со истата власта планира да ги зголеми повластените даночни стапки за на ДДВ за некои основни производи и со тоа ќе доведе до натамошен раст на цените што ќе ја зголеми сиромаштијата во Македонија и ќе направи граѓаните да не може да си ги дозволат основните работи. Прогресивниот данок кој власта го планира веќе еднаш доживеа крах и неуспех во Македонија, додека рамниот данок којшто беше воведен од страна на Владата ВМРО-ДПМНЕ се покажа како ефикасен во намалување на неформалното вработување, намалување на невработеноста и како ефикасен и во борбата со сивата економија – велат од партијата.

Власта не само што има целосно погрешен концепт туку погрешно им е и времето, додаваат оттаму, а краткиот рок на имплементација ќе ги доведе во финансиска неизвесност македонските граѓани и стопанството.

-Владата на СДС и ДУИ наместо дополнително да ги осиромашува граѓаните и затвора бизнисите може да скрати на+ крадење и да не се расфрла со трошење на народните пари за скапи прослави, тендери во 4 очи и частење на општини кои не плаќаат данок. Додека цел свет се спрема за најтешката зима, владата на СДС и ДУИ се спрема да ги доосиромаши граѓаните. Токму затоа потребни се предвремени парламентарни избори, за оваа криминогена власт да си замине – велат од ВМРО-ДПМНЕ.