Фото: Игор Бансколиев

Изборот на новиот министер за локална самоуправа како повод

Според мислењата на експертите, Македонија не успева да воспостави најдобар систем при именувањето на јавните функционери, кои ќе овозможат поефикасно управување, а со тоа и функционирање на институциите во насока на воспоставување функционална власт на централно и на локално ниво

Во тридеценискиот парламентарен период, политичките партии во Македонија се обидуваа својата „реформска определба“ да ја практикуваат главно со форсирањето избор на млади личности на раководни позиции, јавајќи на бранот на „младешка полетност, енергичност, ентузијазам, па и на иновативност на генерациите за новиот милениум“…

Имено, на секои избори за централната и за локалната власт од партиите беа претставувани нови, млади и надежни личности, кои требаше да ги донесат долгонајавуваните промени во општеството. Во тој процес на „подмладување“, за министерски места беа избирани и лица без претходно работно или професионално искуство за јавната функција што требаше да ја извршуваат. Многумина од постарата генерација политичари беа принудени да заминат во „предвремена пензија“ поради намалениот рејтинг кај гласачите или поради внатрешните превирања во партиите, за освојување на лидерските позиции. На овој начин, Македонија изгуби и дел од искусниот и од професионалниот кадар, бидејќи тие лица беа принудени да се повлечат од политиката и да се посветат на свои приватни обврски.

Назначувањето на поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, за нов министер за локална самоуправа го отвори прашањето за тоа дали партиите што се на власт успеаја да го постигнат балансот во изборот на младите и повозрасни, но искусни кадри? Според мислењата на експертите, Македонија сѐ уште не успева да воспостави најдобар систем при именувањето на јавните функционери, кои ќе овозможат поефикасно функционирање на институциите и за воспоставување функционална власт на централно и на локално ниво.

Според Борче Давитковски, професорот од Правниот факултет во Скопје, враќањето „постари“ политичари го покажува капацитетот на една партија при пополнувањето на местата од извршната власт.
– Проблемот за именување квалитетни кадри е изразен во помалите партии, во кои изборот на кандидати за раководни лица се сведува на неколку имиња. Во поделбата на власта со другите коалициски партнери, партиите и не знаат што ќе добијат од министерствата. По добивањето на ресорот се предлага личност од приоритетната партиска листа. Слична е состојбата и во поголемите партии во кои отсуствува внатрепартиската демократија. Кандидирањето лица на одговорни позиции се сведува на проверени партиски кадри или т.н. лепачи на плакати. Некогаш и именувањето политичари што претходно и биле на некои функции е подобро решение од некои сегашни министри или директори. Но главниот проблем е што во земјата е воспоставен систем на партиократија. Избраните функционери и министри за своите ангажмани одговараат пред партискиот лидер, а не пред граѓаните, кои ги избираат на парламентарните избори. Најдобро решение би било да се воспостави мнозински систем на избори, како во Англија, во која граѓаните со векови избираат меѓу најдобрите кандидати. Вака, изборот на јавните функционери се прави според изборот на раководството на партиите, во кои не постои никаква идеолошка разлика, а партиските програми им претставуваат список на желби, од кои 90 отсто нема да бидат исполнети по изборот на новата централна и локална власт – вели Давитковски.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски се согласува со ставот дека Македонија не изградила ефикасен систем за искористување на професионалниот и интелектуалниот потенцијал кај политичарите, но и од граѓаните што се докажани во своите професии.
– Неоспорно е дека Македонија ги троши политичарите многу побрзо од тоа што треба и од тоа што реално го поседува како капацитет. Партиите премногу се посветени на промовирање нешто ново, преку нови имиња. Стана правило, доколку некој нема ништо позначајно во својата биографија дека тоа нешто значи и е позитивно. Не знам дали при изборот на функционерите успеавме да воспоставиме успешен баланс меѓу младоста и искуството. Но не треба да се отфрлаат лесно и личности што во својата професионална и политичка кариера оставиле нешто зад себе. Воспоставувањето на медиократијата не смее да биде замена за популизмот, кој се емитува од некои партии – ни изјави Арсовски.

Преголемата партизираност при вработувањето во јавната администрација и изборот на министри и други јавни функционери претставува една од забелешките што се посочуваат во меѓународните извештаи за Македонија. Процесот на департизација на државниот апарат се одвива бавно. Од Министерството за информатичко општество се преземени чекори за реорганизација на јавните институции. Изминатиот период се донесени три закони, а меѓу нив е и Законот за вработените во јавниот сектор, во кои се воведени механизмите што се во насока на департизација на институциите, поточно во воведување механизми што потврдуваат дека вработувањата ќе се засноваат на меритократија. Тоа би значело во институциите да се вработуваат најдобрите кандидати!

Според податоците на Министерството за информатичко општество, во централната јавна администрација, што значи во министерствата и институциите што се под раководство на Владата, се вработени близу 13 илјади лица, што е околу 10 отсто од јавниот сектор. Најголем дел од вработувањата во јавниот сектор, поточно вишокот вработени во јавниот сектор, е во јавните претпријатија со кои раководат општини во кои Владата нема директен пристап, како и во секторите образование и здравство. М.Ј.