Фото: ЕПА

Актуелни слики од Германија: опсервации на три карактеристични појави што најдобро ги отсликуваат состојбите во земјата

Берлин прескапо го плаќа новиот курс на енергетската политика

  • Денес структурата на снабдување на Германија со природен гас е целосно променета. Најголем снабдувач е Норвешка со 44 проценти,
    следуваат Холандија со 24 проценти и Белгија со 21 процент, додека поголемиот дел од преостанатите количества се обезбедува преку
    американски течен природен гас (ЛНГ)

Германија денес плаќа речиси петпати повисока цена за увоз на природен гас отколку пред да се откаже од долгорочните договори за снабдување со руски гас, како дел од санкциите што Европската Унија ги воведе против Москва по ескалацијата на војната во Украина. На ова предупредува германскиот весник „Берлинер цајтунг“, оценувајќи дека најголемата европска економија сега се соочува со последиците од зависноста од нестабилниот светски енергетски пазар.
Според весникот, дополнителен притисок врз цените на енергентите создаваат и актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток, особено фактичкото затворање на Ормускиот Теснец за време на тековниот конфликт меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Бидејќи низ овој теснец поминува значителен дел од светската трговија со енергенти, секоја ескалација на безбедносната состојба директно влијае врз цените на меѓународните пазари.

Од евтин „источен“ гас до скап увоз од „Запад“

Во 2022 година Германија донесе одлука да престане со увозот на поевтиниот руски природен гас, приклучувајќи се кон санкциската политика на Европската Унија. Истовремено, земјата продолжи со затворањето на своите нуклеарни централи и со забрзаната транзиција кон обновливи извори на енергија. Оваа комбинација на политички и енергетски одлуки, според голем број економски анализи, значително ги зголеми трошоците за енергија и дополнително ја намали конкурентноста на германската индустрија. Пред воведувањето на санкциите, Русија обезбедуваше околу 55 проценти од вкупниот германски увоз на природен гас.
Денес структурата на снабдување е целосно променета. Најголем снабдувач е Норвешка со 44 проценти, следуваат Холандија со 24 проценти и Белгија со 21 процент, додека поголемиот дел од преостанатите количества се обезбедува преку американски течен природен гас (ЛНГ).

Цената скокна од 12 наповеќе од 60 евра

Според „Берлинер цајтунг“, цената на увозниот природен гас во Германија се зголемила од околу 12 евра за мегават-час во 2020 година, кога сè уште биле во сила долгорочните договори со Русија, на повеќе од 60 евра за мегават-час оваа недела. Весникот наведува дека поранешните договори со Москва биле значително поповолни од сегашните пазарни цени. „Старите руски договори беа поевтини од пазарната цена“, наведува германскиот медиум, додавајќи дека Берлин нема реална можност значително да го зголеми увозот од другите европски снабдувачи. Постојните гасоводи од Норвешка веќе работат со максимален капацитет и не можат да испорачаат многу поголеми количества.

Енергетската криза ја погодува германската индустрија

Високите цени на енергијата оставаат сериозни последици врз германската економија. Земјата бележеше економски пад и во 2023 и во 2024 година, што претставува прво последователно намалување на економската активност во повеќе од две децении. За оваа година се прогнозира економски раст од само 0,5 проценти, што дополнително ја потврдува слабоста на најголемата европска економија. Истовремено, официјалните податоци покажуваат дека бројот на компании што прогласиле несолвентност се зголемил за повеќе од 22 проценти во секоја од последните две години. Најпогодени остануваат индустриските гранки што зависат од евтина и сигурна енергија.

Мерц: Причина е недостигот од руски гас

Во понеделникот германскиот канцелар Фридрих Мерц во јавноста призна дека актуелната енергетска криза е предизвикана од „недостигот од руски гас“, што претставува едно од најотворените признанија од германски државен врв за последиците од прекинот на долгогодишната енергетска соработка со Москва.
Но исклучително интересно е што, од своја страна, Русија веднаш соопшти дека останува подготвена повторно да испорачува природен гас преку кракот на гасоводот „Северен тек“ што остана функционален по саботажата во 2022 година, но, како што тврди Москва, досега не добила никаков одговор од германската влада.

Нови даноци за полнење на државните резерви?!

Во меѓувреме германските власти планираат воведување нови даночни давачки за индустрискиот сектор со цел да се обезбедат средства за изградба и одржување на националните резерви на природен гас. Оваа мерка доаѓа во време кога германската индустрија веќе се соочува со рекордно високи трошоци за производство, намалена конкурентност и растечки финансиски притисок.

Европската Унија останува на сегашниот курс

И покрај сè, Европската Унија останува цврсто определена до 2027 година целосно да го прекине увозот на руски природен гас. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уште во март порача дека Брисел нема да се откаже од оваа политика, дури и доколку Европа се соочи со физички недостиг на гас или со ризик од прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Енергетската цена на политичките одлуки

Развојот на настаните покажува дека Германија се наоѓа пред еден од најсериозните енергетски и економски предизвици во последните неколку децении. Додека политички приоритет останува намалувањето на зависноста од руските енергенти, економската реалност укажува на драматично повисоки трошоци за енергија, намалена конкурентност на индустријата и сè поголема неизвесност за идниот економски раст.
Прашањето што сè почесто се поставува во германската јавност е дали цената на енергетската независност не станува превисока за најсилната економија во Европа.


Зачестени сцени што потсетуваат на времиња за кои многумина мислеа дека засекогаш останале во минатото

Германците денес патуваат стотици километри за поевтино гориво

 

Постојат фотографии што никогаш не избледуваат од колективната меморија на Балканот. Бескрајните колони автомобили на граничните премини кон Трст, семејства што со часови чекаа за да купат поевтина облека, обувки, прехранбени производи или едноставно нешто што во тогашна Југославија не можеше да се најде. Тоа беа времиња кога разликата во куповната моќ меѓу Истокот и Западот беше огромна, а патувањето преку граница претставуваше можност за подобар и поевтин живот, барем за еден ден. Денес, повеќе од три децении подоцна, Европа повторно сведочи на слични сцени. Но со една суштинска разлика – овој пат колоните не се движат од Исток кон Запад, туку од една од најмоќните европски економии, Германија, кон соседна Чешка. Иако овој пат не станува збор за купување гардероба или производи што недостигаат на домашниот пазар, туку за полнење гориво, симболиката е силна. Таа сведочи за економската реалност во која се најде земјата што со децении беше мотор на европската економија.

Горивото стана причина за нов „прекуграничен туризам“

Според информациите што ги објави германскиот весник „Билд“, сè поголем број германски возачи секојдневно ја преминуваат границата со Чешка за да наполнат гориво по значително пониски цени. Причина е новиот раст на цените на бензинот и особено на дизелот, кој, според германските медиуми, е директна последица на ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток и геополитичката нестабилност поврзана со Иран. Најсилен удар претрпе дизелот, чија цена за само една седмица пораснала за повеќе од 6,7 евроценти. Дополнително, германските возачи останаа и без владините олеснувања за горивото, што дополнително ја зголеми цената на секое полнење на резервоарот. Резултатот е необична, но економски разбирлива слика: бензинските пумпи во пограничните делови на Чешка се преполни со германски автомобили. И локалното население и возачите од Германија чекаат повеќе од еден час за да наполнат гориво по значително поповолни цени. Според бугарскиот медиум „Факти“, новинарите на „Билд“ забележале дека многу Германци се обидуваат максимално да ја искористат сегашната состојба, стравувајќи дека и Чешка наскоро ќе ги зголеми цените на горивата.

Фото: ЕПА

И сто километри се исплатлива инвестиција!?

Разликата во цените е доволно голема за да го оправда долгото патување. Литар дизел во Чешка се продава за околу 1,55 евро, додека во Германија цената е речиси 80 евроценти повисока. Токму затоа многу возачи се подготвени да поминат речиси сто километри во еден правец само за да го наполнат резервоарот. За оние што возат поголеми возила или редовно користат дизел, заштедата е доволно значајна за патувањето да има економска логика. Ова не е изолиран случај. Само пред кратко време медиумите известуваа за масовно полнење гориво од страна на германски возачи и во соседна Полска, што покажува дека таканаречениот „бензин-туризам“ станува сè почеста појава.
Сцените од чешките бензински пумпи не се само приказна за цената на дизелот. Тие се и потсетник дека економските промени во Европа добиваат нов правец. Ако некогаш жителите на Источна Европа патуваа кон Запад барајќи подобри цени и поголем избор, денес сè почесто гледаме како граѓаните на најсилната европска економија ги бараат истите тие предности кај своите источни соседи. А кога економската локомотива на Европа почнува да забавува, тоа ретко останува само германски проблем. Последиците, порано или подоцна, ги чувствува целиот европски континент. Д.П.


Германскиот индустриски сектор сѐ уште заринкан

Тешко се оди кон излезот од ерата на деиндустријализација

  • Секој месец исчезнуваат по 15.000 работни места, а најголемите компаниипредупредуваат дека старите модели повеќе не функционираат

Германија, економската локомотива на Европа, се соочува со една од најсериозните индустриски кризи во последните децении. Податоците и предупредувањата што доаѓаат од највисоките германски деловни кругови покажуваат дека индустрискиот сектор губи околу 15.000 работни места секој месец, додека најголемите производствени компании, предводени од автомобилскиот гигант „Фолксваген“, најавуваат длабоки реформи, масовни кратења и затворање капацитети. Ова веќе не е само привремен пад предизвикан од економски циклус. Сè повеќе економисти предупредуваат дека Германија се соочува со процес на деиндустријализација, кој може трајно да ја промени економската карта на Европа.

Индустријата под троен притисок

Генералната директорка на Сојузот на германските индустрии (БДИ), Тања Генер, предупреди дека состојбата е критична, но истовремено порача дека германската индустрија сè уште има потенцијал за закрепнување доколку навреме се донесат вистинските економски политики. Според неа, клучот е во инвестициите во нови технологии, пред сè во вештачката интелигенција и модернизацијата на производството.
– Имаме можност повторно да бидеме лидери, особено во индустриското производство. Иновациите отсекогаш биле силна страна на германските компании – истакна Генер.
Но германската индустрија денес е изложена на притисоци од повеќе страни истовремено. Од една страна, американските царини и новата трговска политика ги поскапуваат германските производи на најголемиот светски пазар. Од друга страна, кинеските производители, особено во секторот на електричните возила, стануваат сè поконкурентни благодарение на пониските производствени трошоци, силната државна поддршка и побрзото воведување нови модели. Дополнително, германските компании се соочуваат со високи цени на енергентите, растечки регулаторни барања и геополитичка неизвесност, што ја намалува нивната конкурентност во споредба со азиските производители.

„Фолксваген“ стана симбол на кризата

Најдобрата слика за состојбата во германската индустрија денес ја дава „Фолксваген“, најголемиот производител на автомобили во Европа. Компанијата објави дека оперативната добивка во вториот квартал изнесува 3,5 милијарди евра, што е речиси десет проценти помалку во споредба со истиот период минатата година. Истовремено, раководството ги намали очекувањата за годишните приходи – наместо раст до три проценти, сега очекува пад до три проценти. Извршниот директор Оливер Блуме признава дека автомобилската индустрија се наоѓа во „исклучително тешка средина“, обележана со трговски конфликти, геополитички кризи, нестабилни пазари и засилена конкуренција. Особено тежок удар претставуваат американските царини, кои, според Блуме, ја чинат компанијата околу пет милијарди евра годишно. Како одговор на кризата, „Фолксваген“ го спроведува, како што самиот менаџмент го нарекува, „најголемото преструктурирање во историјата на компанијата“. Покрај претходно најавеното намалување на 50.000 работни места во Германија до 2030 година, компанијата разгледува можност за дополнителни 50.000 отпуштања на глобално ниво и затворање четири фабрики во Германија. Во интерното писмо до вработените, Блуме признава дека бројот на работници растел со децении и дека денешното ниво повеќе не е економски одржливо.

Синдикатите предупредуваат, аналитичарите бараат радикални промени

Плановите за нови отпуштања предизвикаа остри реакции кај синдикатите. „ИГ метал“, најголемиот германски индустриски синдикат, предупредува дека евентуалните присилни отпуштања би биле спротивни на договорот постигнат со компанијата во 2024 година, кој предвидувал зачувување на фабриките и избегнување масовни откази.
– Десетици илјади работници за сопствената неизвесна иднина дознаваат преку медиумите наместо од раководството на компанијата – реагираше портпаролот на синдикатот, Јан Ментруп.
Од друга страна, аналитичарите сметаат дека без длабоки структурни реформи германските производители тешко ќе можат да се натпреваруваат со кинеските компании, кои располагаат со пониски трошоци за производство и многу побрзо пласираат нови модели на електрични возила. Според Марк Хоган од „Глобал дата“, новите кинески брендови се значително поагилни од традиционалните европски производители.
– Живееме во исклучително нестабилно време. Денес веќе не постои компанија што е преголема за да пропадне – предупредува Хоган.

Предизвик за Германија, но и за Европа

Сојузот на германските индустрии претставува околу 100.000 компании со повеќе од осум милиони вработени, што доволно говори за тежината на предупредувањата што доаѓаат од оваа организација. Затоа, актуелната криза одамна не е само германски проблем. Германија е најголемата индустриска економија во Европската Унија, а нејзините фабрики се тесно поврзани со илјадници доставувачи низ целиот континент. Доколку продолжи трендот на затворање производствени капацитети и префрлање на инвестициите кон други пазари, Европа би можела да се соочи со долгорочна ерозија на својата индустриска база. Прашањето повеќе не е дали германската индустрија поминува низ криза, туку дали Германија ќе успее навреме да го редефинира својот економски модел и повторно да ја врати конкурентноста во свет што драматично се менува.

Автор: Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија