Фото: Маја Јаневска-Илиева

Серија нови провокации и закани кон Македонија упатија вчера некои од бугарските политичари, со што уште еднаш јасно се откриваат намерите на Софија да ја држи Македонија вечно во изолација и заложништво

ВО ПРЕСРЕТ НА ОДБЕЛЕЖУВАЊЕТО НА ИЛИНДЕН – ЕДЕН ОД НАЈГОЛЕМИТЕ МАКЕДОНСКИ НАЦИОНАЛНИ ПРАЗНИЦИ

Додека во македонската јавност е во тек полемиката околу (не)оправданоста на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот, официјална Софија ја користи секоја можна ситуација да испрати отровни стрели кон Македонија, пораки на негација и нескриени апетити за асимилација на сѐ што е македонско. Најнов таков повод за провокација кон Македонија беше вчерашното „одбележување на 120-годишнината од Илинденско-преображенското востание“, како што се нарекува во Бугарија, при што бугарските власти се обидоа да фрлат сосема поинаква искривена слика за Илинден, како и за улогата и борбата на македонските револуционери за ослободување и за своја држава. Присвојувањето на Илинден е само уште еден показател на намерите на Софија за фалсификување на историјата со цел постепена асимилација на македонскиот народ, сега засилена и преку процесот на нашата евроинтеграција и исполнувањето на сите бугарски барања што се наведени во преговарачката рамка и потпишаните протоколи.
Дека бугарските политичари не се откажуваат, туку уште повеќе ја засилуваат својата негаторска реторика кон Македонија можеше да се види и од пораките упатени на одбележувањето на Илинденско-преображенското востание, каде што востаниците беа окарактеризирани како бугарски херои, а востанието како „крик за човечки права и за правда кон цивилизираниот свет од најоддалечените краишта од мајката Бугарија“(?!).
– Илинденско-преображенското востание е круна на бугарското народноослободително движење. Основа за тоа е бројот на востаниците, над 26 илјади, а и фактот дека освен Бугари, учествуваат и претставници на други групи, како Власи и гркомани – рече пратеникот од ПП-ДБ, Христо Даскалов.
Притоа во говорите на бугарските политичари никаде не се споменуваат улогата и значењето на македонските револуционери, кои токму на Илинден, независно и непомогнати од никого, сами кренаа востание за своја независна држава Македонија. Овие историски факти Бугарија ги прикрива, преиначува или отворено ги негира.

– Не знам дали знаете, но тоа востание, луѓето што живееја таму, Бугари, а не Македонци и Тракијци, се обидувале да се присоединат со Бугарија. Тие не се Македонци – порачаа од партијата на Слави Трифонов.
Притоа тие се заканија и дека за Македонија нема место во ЕУ сè додека не почне да го исполнува договорот од преговарачката рамка или, со други зборови, додека низ целиот тој процес сами не се поништиме како народ и како држава.
Вчера остри зборови кон Македонија упати и поранешниот лидер на ВМРО-БНД, Красимир Каракачанов, откако дозна дека македонското МВР отворило предмет, по допрен глас, поврзан со други нелегални случувања во кои е инволвиран и тој. Но Каракачанов веднаш удри по најсветото за Македонците -по историјата и идентитетот.
– Сведоци сме на ова во пресрет на Илинден – денот кога избувна најмасовното востание на Бугарите во Македонија. Предците на христијанското население во сегашната РСМ ги дадоа своите животи за ослободување на Бугарите и обединување на бугарскиот народ – порача Каракачанов.
Со тоа, тој јасно ја негира улогата на македонските револуционери и нивната борба за самостојна македонска држава.

– Додека омразата кон сѐ што е бугарско трае и понатаму во Скопје, оваа земја нема место во Европската Унија – се закани Каракачанов.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, порача дека ако имаме заедничка историја, желба за дијалог, разбирање и доверба, несомнено е дека ќе имаме заедничка европска иднина.
Притоа пак побара да се овозможи, како што рече, уставната и сеопфатна рамноправност на Бугарите во државата.
За македонските историчари нема дилема дека Илинден е исклучиво македонски празник, а секој што мисли поинаку се лаже и себеси и другите. Организација на востанието ја водат пред сѐ македонски револуционери, Македонската револуционерна организација (МРО), која како секоја илегална организација барала помош за реализирање на своите идеи и цели.
Илинденското востание живее единствено во колективната меморија на македонскиот народ, бидејќи само тој, македонскиот народ, ја прифати одлуката на Организацијата да се крене, да учествува и да го води и на крајот да ги трпи последиците од востанието. Ниту еден друг народ на Балканот, во смисла на еден интегрален етнички ентитет, не учествуваше во ова, тврдат историчарите. А.Д.