Амстердам сака да им се спротивстави на досадните туристи што го посетуваат само за забава со промена на структурата на градот / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Холандскиот град забрани пушење канабис во јавност и воведе казни за да се ослободи од туристите што ги нарушуваат јавниот ред и мир и креваат врева во центарот, но останува да се види дали ќе успее во намерата

Популарната туристичка дестинација сака да ја промени сликата за себе

Во квартот на црвените фенери во Амстердам се поставени знаци за забрането пушење канабис на јавно место. Според новиот закон, кој стапи во сила во мај, туристите и локалните жители што ќе бидат фатени како пушат марихуана во оваа населба и околу неа сега може да добијат казна од 100 евра. Холандскиот град се бори со зголемениот број туристи што го посетуваат првенствено само за забава и ги преполнуваат улиците, особено во квартот на црвените фенери. Други казни може да се изречат за луѓе што пијат алкохол на улица или уринираат на јавно место.

Туристите за забава не се добредојдени

Сега, во летниот период, во стариот дел на Амстердам е доста раздвижено, па речиси и преполно, како што беше пред пандемијата. Сепак, градот е атрактивна туристичка дестинација и не само за оние што сакаат да се забавуваат. Неговите градски куќи и канали од 17 век се прогласени за светско наследство на УНЕСКО, а музеите се од светска класа. Во 2021 година градот го ограничи бројот на престојувања за посетители годишно на 20 милиони. Но обемот на туристи е само еден од проблемите на Амстердам. Позагрижувачки за градските власти и многу жители е зголемениот број на туристи што го посетуваат само за забава и прават силна врева по тесните улички на центарот навечер. Во борбата против прекумерниот туризам за забава беа воведени нови правила овој февруари, а меѓу нив беше законот за кратење на работното време за два часа за борделите, баровите и пабовите во квартот на црвените фенери.
Пред неколку месеци градот започна и кампања „Избегни го Амстердам“ за да ги одврати бурните посетители. Таа првично беше насочена кон Британци на возраст од 18 до 35 години и прикажуваше серија кратки видеоснимки што покажуваа како нивните ноќи поминале наопаку. Според едно истражување, британските туристи се особено склони кон неограничено консумирање канабис. Видеоснимките сугерираат дека многу од нив завршиле во полициска станица или во болница.

„Стоп за дивеењето“

Елс Ајпинг од иницијативата на жителите „Стоп за дивеењето“ смета дека ваквите кампањи и мали промени се добри први чекори, но во никој случај не се доволни за да се промени севкупната слика. Таа нагласува дека има обични жители што живеат во историскиот центар на Амстердам, кој стана туристичко жариште. Самата Ајпинг често била принудена да ги чисти своите надворешни скали откако туристи ја истуриле својата утроба врз нив.
Според неа, многу посетители на центарот не доаѓаат да се восхитуваат на прекрасниот стар град, туку доаѓаат по проституција и консумирање канабис. Таа не ја прифаќа идејата дека либералната употреба на канабис и проституцијата се единствената туристичка атракција на Амстердам.

Револт поради рестрикциите

Извесен период членовите на иницијативата водеа сопствена кампања во централното подрачје. Облечени во жолти елеци, им приоѓаа на туристите и ги информираа дека во стариот град живеат и обични луѓе на кои им е потребен сон ноќе. Повеќето туристи љубезно реагираа на овие предупредувања и се извинуваа.
Од друга страна, Ајпинг вели дека локалните бизниси, кои сега мора да затворат два часа порано, ја обвинија граѓанската иницијатива за своите финансиски загуби и жителите на центарот биле изложени на малтретирања и навреди.

Туризам и хедонизам

Амстердам сака да им се спротивстави на досадните туристи што го посетуваат за забава не само со забрани и правила туку и со промена на структурата на градот. Со години има предлози да се забрани консумирањето канабис за туристите и да се премести проституцијата од квартот на црвените фенери. До крајот на 2023 година се очекува во предградие на Амстердам да биде отворен нов таканаречен „еротски центар“ за сексуални работници. На планот се спротивставија многу локални жители и сексуални работници, кои велат дека неговата локација на периферијата ќе ѝ наштети на нивната егзистенција и исто така ќе биде поопасна за сексуалните работници во текот на ноќта.
Што се однесува до кафулињата за канабис, жителите од центарот бараат градот едноставно да го применува законот. Според холандскиот закон, канабисот може да им се продава само на луѓе што живеат во Холандија, а досега Амстердам суштински толерираше консумација на канабис за туристите.