Советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева, завчера го посетила Скопје, објави „БНТ“ повикувајќи се на информации од бугарската влада.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Чернева била во Скопје по наредба на Петков, за да се подготви претстојната посета на бугарскиот премиер на македонскиот главен град, предвидена за месецов.

Петков претходно најави дека ќе се сретне со новиот македонски премиер Димитар Ковачевски откако новата влада во Македонија ќе положи заклетва.

Во меѓувреме, организации на Бугарите од Република Македонија испратија писмо до сите бугарски институции вклучени во преговорите со Скопје, информира бугарскиот медиум.

Се очекува бугарскиот претседател Румен Радев да го свика Советодавниот совет за национална безбедност на 10 јануари, за да разговара за рамката за односите со Македонија.