Предизвикот за расчистување, преземање одговорност и секако доколку функционираше правната држава и владееше правото, односно се спроведуваше правдата за злосторства против цивили, кои не застаруваат, за Македонија, која како држава веќе дваесетина години правно импровизира за нивен „заборав“, ќе значеше инвестиција во здрав темел во иднината на државноста. Во исто време тоа би значело и расчистување со воениот конфликт од 2001 година и конечно би се одредил неговиот карактер, кој досега секој различно, „автентично“ и растегливо го толкува… А токму тоа сега ни се враќа како бумеранг и повторно ќе се врати доколку се пропушти и оваа шанса за расчистување…

Расчистувањето со вината за хашките случаи – поставување здрав темел за меѓусебна доверба во иднина

Иако привидно со политички алатки се „поттурнати под черга“, а формално-законски „архивирани“ како наводно „завршена приказна“, четирите т.н. хашки случаи за злосторства против цивили од 2001 година и дваесетина години подоцна претставуваат нечиста совест на правдата во македонското општество, постојан (затрупан) извор за политички манипулации и провокации, како и на меѓуетничка недоверба. Самиот факт што од конфликтот со сѐ уште недефиниран карактер како казнета од Меѓународниот трибунал во Хаг излезе само државата Македонија, односно обвинетите припадници на легитимните одбранбени сили на државата, која имаше право да се брани, тлее во општеството како неправда и пример за неказнивост на парамилитантите од ОНА (УЧК), кои ги нападнаа државната територија и институциите. Големата временска разлика во носењето на законските решенија со кои практично со внатрешен политички притисок и своевидно „миење на рацете“ од одговорност на Трибуналот во Хаг беше издејствувано простувањето на вината на припадниците на паравојската што изврши злосторства врз цивили, само ја засили контроверзноста на таквото решение. Активирањето на фактот дека таквите злосторства не застаруваат, преку писмото на комесарката за човекови права при Советот на Европа, покрај сите политички предизвици ја наметна како неопходност во македонската политичка реалност, потребата од расчистување со одговорноста и постигнување правда за цивилните жртви од конфликтот во 2001 година.

– Тоа е повеќеслоен проблем. Грешка е прво, што од автентичното толкување се случи 9-10 години по Законот за амнестија. Помина многу време. Зошто во меѓувреме не се направи нешто за да се расчисти со одговорноста за случувањата во конфликтот од 2001 година? Ако се расчистеше со одговорноста, и за раководството на ДУИ и за Албанците во целина, сѐ ќе имаше поинаков епилог. Не требаше да остане со амнестија. Амнестијата значи дека си направил нешто, па ти простиле – изјави во медиумска дебата поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Предизвикот за расчистување и спроведување на правдата за злосторствата против цивили, кои не застаруваат, за Македонија, која како држава веќе дваесетина години правно импровизира за нивен „заборав“, ќе значи инвестиција во здрав темел во иднината на државноста, за да може да функционира и да владее правото. Во исто време тоа би значело и расчистување со воениот конфликт од 2001 година и конечно би се одредил неговиот карактер, кој досега секој различно и „автентично“ го толкува. Овие две работи треба да се решат во истиот „пакет“ со расчистување на правдата за хашките случаи, а не и понатаму да се поттурнуваат „под черга“. Тоа е неопходно за градење иднина врз меѓусебна етничка доверба, која би била темел на државноста и за подоцнежни евентуални уставни измени. Ј.П.