Се разгледуваат голем број на случаи и повеќе имиња се под проверка, вели американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во врска со црната листа на САД.
– Има многу случаи кои се разгледуваат, тоа е секогаш така и како што ќе напредуваат тогаш нас ќе не информира Вашингтон. Можам да ве уверам дека тој процес секако е во тек. Не сум сигурна кога ќе биде објавено следното име или имиња, но можам да кажам дека повеќе имиња се под проверка – истакна Агелер, додавајќи дека не може да прецизира кога ќе биде објавена следната листа со имиња.
Во однос на корупцијата, Агелер во вечерашното гостување на телевизија Сител, рече дека корупцијата е рак рана во општеството и влијае на сите аспекти на животот во земјава и дека мора да се соочиме со неа.
Корупцијата, вели Агелер, не е застапена само во судството, туку е во секој аспект на животот овде.
– Секаде каде што патувам низ земјата слушам за фрустрацијата на граѓаните од нивото на корупција. Во голем дел зборуваме за добро работење на судството, но како што знаете, корупцијата е во секој аспект на животот овде, таа е во здравството, образованието и влијае врз граѓаните секој ден – рече Агелер.
Во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски за можно распуштање на двата највисоки правосудни органи Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Агелер вели дека тоа се одлуки кои треба внимателно да се разгледаат, како и дека постојат препораки и патоказ даден од експерти на Европската унија.
– Европската унија испрати експерти овде да погледнат како може да се реформира Судскиот совет и другите аспекти на судството. Тие дадоа предлози и препораки и знам дека премиерот ги разгледува. Тоа не се одлуки за брзо донесување, туку тие треба внимателно да се разгледаат, какви се импликациите и резултатите од ваквите одлуки, а потоа да се продолжи на претпазлив и внимателен начин. Премиерот имаше изјава дека мисли дека амбасадори се мешаат во внатрешните работи, зборувајќи за реформите во судството и борбата против корупцијата, искрено се надевам дека тој не мислеше на мене – рече Агелер.