Фото: Маја Јаневска-Илиева

Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е клучен историски процес што ќе значи заокружување на македонската црковна независност во меѓународни рамки, но кој ќе фрли и нови факти и силна светлина на македонскиот национален супстрат, посебност, национална самобитност,
историја и јазик

Црковната самостојност и независност се интегрален дел од македонската
национална самобитност

Автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е клучен историски процес што ќе значи заокружување на македонската црковна независност во меѓународни рамки, но кој ќе фрли и нова светлина на македонскиот национален супстрат, посебност, национална самобитност, историја и јазик. Процесот до автокефалноста, кој трае со децении, последните две години доби нови димензии и јасна насока од која може да се очекуваат конкретни достигнувања и резултати. Иако окото на обичниот граѓанин може да констатира дека работите по тоа прашање се статус кво, прашањето за автокефалноста во својата суштина се динамизира за нас во вистинска насока. Неодамнешната изјава од Вселенската патријаршија во која беа споделени детали за начинот на кој таа ќе го решава ова прашање е еден од сериозните индикатори за тоа.
Неофицијално од МПЦ-ОА велат дека контактите постојат и Вселенската патријаршија редовно ги следи состојбите во нашата црква, но нема најава кога патријархот Вартоломеј може да го повлече следниот чекор.
Познавачите на состојбите во православието, пак, посочуваат дека за да се заврши сѐ со посакуваната цел, потребно е да се биде трпелив и да се има доволно мудрост за црковна дипломатија.

– Важно е дека овој пат барањето за признавање на автокефалноста е на вистинската адреса, а тоа е Вселенската патријаршија, која е единствена надлежна за издавање томос за автокефалност. Добро е што вселенскиот патријарх ова наше апелациско барање го стави во процедура и засега добро се справува со притисоците што доаѓаат од Руската црква и не се откажува од намерата за решавање на нашето црковно прашање. Веројатно ќе треба уште време, но друг пат за прифаќање на МПЦ-ОА во православниот свет нема. Трпение и мудрост се потребни и од црковната, но и од политичката јавност – велат верските аналитичари.
Истакнуваат дека патот до автокефалноста е исто толку трнлив и тежок, како што беше патот за возобновување на Охридската архиепископија во лицето на МПЦ, но тој пат веќе е изоден и денес МПЦ е жива црква со сите институционални и кадровски капацитети и рамноправно може да се носи со сите други православни цркви, а некои и можат да се огледаат на нејзиниот црковен живот.
Токму и илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот манастир е само еден од многуте примери за доследниот и достоен пат по кој МПЦ чекори за признавање на нејзината вистина во православниот свет. Овој манастир денес е светилиште кон кое со респект се однесуваат и голем број епископи и монаси на другите православни цркви, а некои од нив и го посетиле уверувајќи се лично во живоста на македонската црква.

Иако овој голем јубилеј МПЦ-ОА ќе го прослави без формалното признавање од другите цркви, сепак надежта кај македонските владици е дека наскоро може да биде свртена нова страница во историјата на црквата, откако Вселенската патријаршија ја прифати иницијативата да го користи своето апелациско право за решавање на македонското црковно прашање.
Изминатиот период силна поддршка за ова прашање дојде од државните институции. Претседателот и премиерот испратија писма до Вселенската патријаршија со кои побараа тој да го искористи своето право на апелација за решавање на македонското црковно прашање.
Добивањето томос за автокефалност на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е прашање од национален интерес, кое треба да резултира со потврда на македонската (не само црковна) самостојност и посебност.

[email protected]