Фото: Игор Бансколиев

Здружението „Совет на амбасадори“ укажува дека за претстојните парламентарни избори, за кои кампањата веќе започна, мора да постои јасен и неутрален мониторинг, за да се одржат во слободна и фер атмосфера со почит и спроведување на задолжителните здравствени протоколи.
– На тој начин, во европски дух ќе покажеме дека зачекоруваме во демократски амбиент. Ова е неопходно за до крајот на оваа година, по формирањето нов парламент и влада, да манифестираме единствен настап кон ЕУ во очекување почеток на преговори ослободени од национализам и тесно партиски калкулации, а со вистинско расчистување на многубројни проблеми во правосудниот систем заради чие недоволно ангажирање и поврзување со државните структури опстоија криминалот и корупцијата, како голема кочница за развивање на економскиот систем без кој нема никаков напредок и државата нема иднина – наведува Советот во соопштение.

Натаму Советот наведува дека развојот и брзото проширување на пандемијата предизвикана од коронавирусот, во речиси сите земји на светот последниве денови, се одрази во поагресивна форма и кај нас.
– Советот и во оваа пригода нагласува дека надлежните државни институции сѐ уште немаат јасна визија во борбата против ковид-19 и смета дека најголемиот товар и понатаму падна врз здравствените работници, кои се истакнуваат со нивното професионално соочување и на кои Советот им дава посебна почит, додека од друга страна сѐ уште постои доза на потценување на проблемот од страна на граѓаните и верските институции – стои во соопштението.
Поради сето тоа, Советот укажува на потреба за единство во оваа компликувана ситуација и за мудро однесување на сите граѓани, верските лидери, а особено на политичките фактори, кои се подготвуваат за предвремените избори.