Фото: Дарко Андоновски

Иако беше предвидена расправа од 12 дена во собраниската комисија за уставни прашања, а траеше само пет, по дебатата за уставните нацрт-амандмани што ги предложи Владата за имплементирање на спогодбата од Преспа, во јавноста се создаде впечаток дека парламентарното мнозинство сака да ги помине набрзина уставните амандмани во собраниските комисии. Ваквата слика за собраниските комисии наиде на остри реакции и кај дел од јавноста и познавачите на состојбите што сметаат дека за одредени суштински теми за државата и граѓаните се неопходни многу поквалитетна и посеопфатна дебата и анализа отколку брза постапка. И претходно, за време на други владејачки гарнитури, имало забелешки за делотворноста на одлуките на собраниските комисии и брзањето во постапките. Од друга страна, околу собраниските процеси и нацрт-амандманите за менување на Уставот, но и воопшто за спогодбата од Преспа, има голем број коментари на правни експерти и професори што целиот договор го квалификуваат како противуставен, незаконски и договор што ги крши постулатите на меѓународното право. Во таа насока и во пресрет на понатамошната процедура за уставните амандмани во законодавноправната комисија, се поставува прашањето дали овие собраниски органи и комисии што треба да ги оценува уставноста, законитоста и компатибилноста на амандманите со Уставот ќе бидат вистински филтер за законитост или, пак, ова собраниско тело ќе биде единствено правна алатка и продолжено тело на партиите.

Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, коментира дека расправата во собраниските комисии се одвивала во разумен рок и, според него, опозицијата немала многу простор за нивно забавување или, пак, блокирање. Работата на комисиите без исклучок, според Андов, засега се води според Деловникот и нема некакво отстапување или нивно незаконско работење.

– Јавноста и критичарите имаат политички цели и, поаѓајќи од нив, можат и смеат да критикуваат сѐ во однос на работата на Собранието, односно комисиите што работат во него. Тие комисии, независно дали се уставноправни или законодавни или какви било други, се избрани од народот и таму политиката е народна. Што сакам да кажам овде, сакам да појаснам дека целата постапка на овие комисии е законска и не се коси со Уставот ниту, пак, со законите на РМ, како што тврдат некои. Иако некои од критичарите велат дека тие се користат за политички цели, не се согласувам со тоа, бидејќи има деловник по кој се водат, но и надлежна комисија и Собранието, која ја контролира сета оваа работа. Доколку постапките и одлуките во овие комисии се надвор од Уставот и законите, како што велат критичарите, Уставниот суд е надлежна институција што може да го потврди тоа или, обратно, да го поништи. Сѐ друго влегува во доменот на шпекулациите и дневното политикантство, кое, пак, се сведува на собирање поени кај обичниот граѓанин и ништо повеќе од тоа – заклучува Андов.

Политичкиот аналитичар и поранешен дипломат Ристо Никовски смета дека македонското собрание секогаш било во функција на извршната власт и, оттаму, не треба да очекуваме поинаку ни сега.

– Секогаш нашето собрание беше во функција на извршната власт и така продолжува. Нема ништо во законодавниот дом не само сега туку сите овие триесетина години што би било нешто изворно, нешто нивно, на пратениците, што би дало некаква нова слика и насоки на општеството во целина. Со таквото свое однесување Собранието се девалвира себеси и покажува дека не игра апсолутно никаква улога во нашето општество. Сите пратеници се партиски војници и прават сѐ да ги задоволат партиските лидери, од кои им зависат кариерата и иднината – објаснува Никовски.

Инаку, според собранискиот деловник, расправата за нацрт-амандманите што ги предложи Владата за имплементирање на спогодбата од Преспа можеше да трае најмногу три дена за секој амандман одделно. Расправата за нацрт-амандманите се одвиваше приближно по еден ден за секој амандман, и покрај најавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека ќе води жестока борба во Собранието во процесот за уставните измени. Сега, во периодот што следува, уставните амандмани со кои се предвидува и менување на уставното име одат на законодавноправна комисија, по што ќе следува нова петдневна дебата. По неа се селат на второ читање на пленарна седница, на 1 декември, каде што за усвојување ќе биде потребно просто мнозинство, односно 61 пратенички глас. Целиот процес за промена на Уставот, како што најави Владата, се очекува да трае околу 60 дена. По пленарната седница на 1 декември, повторно ќе има дебати во уставната и законодавноправната комисија, како и јавна расправа, по кои повторно ќе треба да се гласа на пленарна седница, односно со двотретинско мнозинство. За амандманот на Преамбулата на Уставот, освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.

Фото: Дарко Андоновски