Иако голем дел партии веќе ги имаа подготвено изборните програми за првично планираниот датум за избори на 12 април, сепак очигледно е дека пандемијата, корона-кризата и прогласувањето на вонредната состојба во државата им ги променија пристапот и приоритетите. Ќе ги погодат ли партиите приоритетите во своите политички програми и агенди и, конечно, ќе ги исполнат ли?

Пандемијата ги редактира агендите на политичките партии

Партиите забрзано се подготвуваат за избори, но неизвесноста околу датумот за можно одржување на изборите, како и начините под кои би се одвивала предизборната кампања, гои диктира и подготвувањето и објавувањето на изборните програми.
Иако голем дел партии веќе ги имаа подготвено изборните програми за првично планираниот датум за избори на 12 април, сепак пандемијата и прогласувањето на вонредната состојба во државата ги променија приоритетите.

Каков е ставот по ова прашање во најголемата опозициска партија?

Токму овие променети приоритети влијаеја повторно да се прават интервенции во изборните програми кај нив и да се предвидат состојби што во иднина би можеле да се повторат.
На програмата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што посочи лидерот на партијата, изминатите месеци работеле повеќе тимови и суштината е задржана, а целите остануваат исти.
– Идна политика во четиригодишниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе биде рамниот данок, исто како што беа ветувањата пред да се случат проблемите со пандемијата. Планираме тој рамен данок најпрво да биде 10, а потоа во годините што следуваат да го намалиме до осум проценти – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој уште најави и целосна гилотина на парафискалните давачки и на сите, како што рече, непотребни царински плаќања и процедури.
Мицкоски најави и реализација на автопат од Велес преку Плетвар до Прилеп и Битола, до граничниот премин Меџитлија.
– Тоа што сме го ветиле нема да биде редуцирано во новата програма. Можеби временски ќе го репроектираме, но тоа ќе се случи – нагласи Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште најавуваат и формирање национална мрежа на четири нови клинички центри, 20 отсто повисоки плати за вработените во здравството, повисоки плати за редовните професори на универзитетите, помош за спортот…

Кои клучни приоритети се во програмата на владејачката СДСМ, а кои кај нејзиниот коалициски партнер

Владејачката СДСМ посочува дека СДСМ продолжува да се води од три клучни приоритети.
– Првиот е заштита на здравјето на граѓаните, вториот е брза трансформација на економијата, а третиот функционални институции – гарант за силна демократија – истакна партискиот портпарол Костадин Костадинов.
Според него, по одржувањето на изборите, сите капацитети треба да се вложат во рестартирање на економијата.
И од ДУИ тврдат дека изборната програма им е готова, но дека новите состојби наметнале извесни промени.

– Програмата на ДУИ е готова, треба да се прават промени, особено во делот на економските и социјалните политики, бидејќи знаеме дека во последните два месеца се променија економските индикатори на државата за 2020 година, а исто така и проекциите за 2021 година. Кога ќе се одреди датумот на изборите, во рамките на Секретаријатот за економија и финансии, ќе ги ревидираме сите податоци што ги предвидовме во изборната програма за 2020 година и ќе им ја претставиме на граѓаните – вели Крешник Бектеши, функционер во ДУИ и актуелен министер за економија.

И кај Алијансата за Албанците има промени во програмата

Во фокусот на програмата на Алијансата за Албанците исто така ќе биде економијата, како и функционирањето на правната држава.
– Програмата беше готова уште пред 12 април и на неа работеа повеќе тимови. Она на што се темели таа се економијата, функционирањето на правната држава, образованието, културата… Имаме програма што е конкретна и која може да се реализира во практиката – вели Флакрон Беџети, портпарол на Алијансата за Албанците.

Според него, по новонастанатата состојба со пандемијата, добро е во партиските програми да се вгради посебен дел околу оваа закана, во насока како државата од економски и здравствен аспект подобро да се справи при евентуално повторување на вирусот.