Карикатура: „Нова Македонија“

Откритието на „Њујорк тајмс“ дека Грција тајно протерала повеќе од 1.000 баратели на азил, оставајќи многу од нив на гумени чамци за спасување во водите на Егејско Море, претставува најнов пример за овој загрижувачки тренд. Од 2015 година наваму, Европа успешно ја користи Грција како своевидна тампон-зона против несаканата миграција, оставајќи илјадници бегалци во нехигиенски кампови на егејските острови и на копно

Повторно висок праг на толерантност кон Грција од страна на ЕУ

Секојпат кога Атина не допушта влез на брод со бегалци, тоа е резултат на фактот што целиот континент (Европа) дејствува според нивниот став за стриктно (нивни) личен интерес.

Принципот на неотповикување неприменуван од Грција, а тоа е толерирано од ЕУ

Витален дел од меѓународната законска регулатива за бегалци е принципот на неотповикување: идејата дека не треба да ги принудуваат луѓето што бараат азил да се враќаат во своите небезбедни земји. Во држави каква што е Велика Британија, која нема допирни точки со воената зона, застапниците на построги политики за одвраќање на барателите на азил упорно тврдат дека овој принцип не важи за нив, бидејќи луѓето што ќе успеат да дојдат до британскиот брег, веќе ќе имаат поминато низ неколку мирољубиви држави пред да стигнат таму.

Но доколку секоја земја се грижи само за сопствените интереси, сметајќи дека барателите на азил се нечиј друг проблем, тогаш многу брзо ќе се најдете во систем што ги заробува луѓето во ситуации што ги изложуваат нивните животи на ризик. Ваквиот систем е наследен од времето на паничната европска реакција на бегалската криза во 2015 година, а во последниве неколку месеци, делумно под превезот на вонредните услови наметнати од пандемијата на ковид-19, ситуацијата уште повеќе се влоши. Откритието на „Њујорк тајмс“ дека Грција тајно протерала повеќе од 1.000 баратели на азил, оставајќи многу од нив на гумени чамци за спасување во водите на Егејско Море, претставува најнов пример за овој загрижувачки тренд.

ЕУ ѝ додели улога на тампон-зона на Грција, а таа многукратно ја пречекорува

Од 2015 година наваму, Европа успешно ја користи Грција како своевидна тампон-зона против несаканата миграција, оставајќи илјадници бегалци во нехигиенски кампови на егејските острови и на копно. Истовремено, во набрзина договорената спогодба на ЕУ со Турција, Анкара се согласи – добивајќи за возврат финансиска помош и други дипломатски отстапки – да изигрува граничен полицаец во име на Европа, спречувајќи ги бегалците да преминуваат кон брегот на Грција.
Пролетва, во услови на зголемени геополитички тензии, Турција реши да испрати илјадници емигранти кон грчката граница, за да изврши притисок врз Европа. Тоа предизвика силна националистичка реакција на Атина, проследена со неколку екстремни и правно проблематични мерки за контрола на границата, воведени од страна на Владата на конзервативците од Нова демократија. Претходно годинава, „Њујорк тајмс“ исто така извести за таен грчки центар за изолација, стациониран на нејзината копнена граница со Турција. Целта беше вршење на итни депортации, без да им се даде на луѓето право да побараат азил; најновите откритија за активностите во Егејот се идентични на претходните сознанија за недемократско постапување на Грција.

Пандемијата како алиби за безмилосната нова грчка миграциска политика

Во централниот Медитеран, преку кој луѓето сѐ уште се обидуваат да преминат во Европа, натрупани во чамци тргнати од северот на Африка (главно организирани од либиски шверцери), Европа веќе неколку години прави напори да ја сопре миграцијата со прекин на операциите за спасување. Како последица на тоа, постои поголема веројатност дел од бегалците да умрат на отворено море или, пак, да бидат вратени во Либија, воена зона каде што тортурата, присилната работа и злоупотребата на емигранти – нешто што се случува под контрола на либиските власти, кои ЕУ ги третира како партнери – се одамна потврдени и докажани.
Оваа пролет Италија и Малта, државите што како и Грција беа користени како тампон-зони од страна на нивните европски соседи, ги затворија своите пристаништа за спасувачките бродови, со образложение дека тие повеќе не се безбедни засолништа поради пандемијата на ковид-19.
Додека Италија сепак им дозволи вкотвување на неколку брода, Малта очигледно ја искористи пандемијата како можност за формирање своја сопствена флотила трговски бродови, со кои ги пресретнува емигрантите на отворено море и ги предава на либиската крајбрежна стража. Како што во април објави организацијата за миграциски мониторинг „Телефон за тревога“, двоумењето на Малта да прими емигрантски бродови доведе до ситуација во која брод со 60 луѓе неколку дена беше оставен на милост и немилост на морето, при што починаа неколку патници.

Фото: Игор Бансколиев

Би било многу лесно вината за овие ситуации да се лоцира само кај земјите од медитеранските граници на ЕУ. Меѓутоа, факт е дека нивните постапки се гледаат како полезни во очите на повеќето европски влади.
„Благодарна сум ѝ на Грција за нејзината улога на наш европски штит во овие времиња“, изјави Урсула фон дер Лејен, претседателка на Европската комисија, за време на мартовската грчко-турската погранична криза. Ова ја вклучува и Велика Британија, која, без оглед на брегзит, еднакво имаше корист од овие тампон-зони: додека коронавирусот се ширеше низ Европа, британскиот Хоум офис одби да ги прими децата бегалци заглавени во Грција – деца што имаа роднини во Велика Британија и законско право да им се придружат – иако по одредено задоцнување мораше да го направи тоа, под притисок на активистите за човекови права.

Пресврт во миграциската политика и во ЕУ

Сериозниот пресврт во миграциската политика во текот на последниве 5 години се одвива постепено, чекор по чекор, водејќи се од неколку конкурентни интереси: десничарските популисти што гледаат на неевропската емиграција како на цивилизациска закана; политичарите од центарот, кои се трудат да ги држат под контрола популистите по пат на усвојување на некои нивни барања; и конечно, тука се безбедносната и одбранбената индустрија, кои нудат високотехнолошки решенија, како на пример вршењето надзор со беспилотни летала, кои станаа замена за поморските патроли на Медитеранот. Промените во миграциската политика најверојатно ќе бидат официјализирани следниот месец, кога Европската комисија ќе ја образложи новата спогодба за миграција и азил, која јасно ќе ја дефинира генерална политика на Унијата во следниве години.
Актуелната комисија, избрана минатата година, неславно ја најави својата намера со креирање на функцијата „комесар за заштита на европскиот начин на живот“.
Оправдување за ваквиот пресврт во политиката кон емигрантите може да биде фактот дека бегалската криза предизвика силни негативни реакции во многу делови на Европа, па затоа политичарите имаат должност да ги балансираат различните интереси – во овој случај, потребата да се заштитат ранливите емигранти, а истовремено да се задоволат желбите на некои гласачи за ограничување на миграциските процеси.
Сепак, безбедносните мерки од ваков вид можат да резултираат со фундаментални промени во карактерот на државите што ги предлагаат.

Извештајот објавен во август од страна на „Стејтвоч“, невладина организација за граѓански слободи што ја мониторира ЕУ, предупредува за опасноста од нова европска „машина за депортација“: Агенцијата за гранична контрола на ЕУ, Фронтекс, планира драстично зголемување на своите капацитети, со задача да им помага на земјите-членки во процесот на депортација на емигранти што не добиле дозвола за престој. Оваа експанзија, според „Стејтвоч“, многукратно го зголемува ризикот за безбедноста на луѓето, затоа што „летовите за протерување, финансирани и координирани од страна на Фронтекс, може да ги однесат бегалците во земји каде што постои опасност од нивна тортура или прогон“ – сево ова се случува бидејќи членките на ЕУ не се усогласени во начинот на кој ги проценуваат барањата за азил.
Новите рестриктивни мерки ќе бидат поткрепени со опсежна колекција од лични податоци: ЕУ гради огромна нова биометриска база на податоци, во која ќе се чуваат информации за државјаните од трети земји што влегуваат на нејзината територија – план што наиде на остри критики од страна на експертите за приватност и групите за права на емигрантите.

Ерозија на меѓународното право

И покрај сѐ, се чини дека европските влади не се свесни за тоа во која насока може да водат нивните политики. Одговарајќи на прашање за наодите на „Њујорк тајмс“, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека се работи за дезинформации и дека политиките на неговата земја се „строги, но праведни“.
Комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Илва Јохансон, изрази загриженост во однос на извештаите, но рече дека нема ингеренции да ги истражува.
Би било лесно да не се размислува за она што се случува на границите на другите држави, но тука се работи за меѓународен модел на дејствување, во кој ерозијата на меѓународното право и човековите права еднакво би требало да нѐ засега сите нас. Имено, кога државите ќе одлучат да применат екстремни мерки за да ги избркаат бегалците од својата територија, тоа ќе претставува закана за поткопување на целокупниот систем што постои за нивна заштита.

Даниел Трилинг за „Гардијан“ (Опремата на текстот е редакциска)