Фото: Маја Јаневска-Илиева

Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави, затоа што не се случува често во новите демократии, истакна Пендаровски коментирајќи го повлекувањето од функцијата на досегашниот премиер Зоран Заев, со кого како што рече, во изминатите 10 години „заедно биеле битки во широкото граѓанско движење за човекови слободи и права“.

– Факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна ситуација од 2017-та, кога не можевме да изведеме мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство, што директно ги испровоцира настаните од 27 април, најголемиот срам за македонската демократија во историјата – смета Пендаровски.

Тој додаде дека кога останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби.

– Кога човекот ја наоѓа смислата на своето постоење само во политичката моќ и владеењето со другите, кога доаѓањето и останувањето на власт е единствената кауза во нечиј живот, тоа ја отвора ширум вратата за конфликти и поделби меѓу луѓето – посочи претседателот.