Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера на седницата на иницијативата за земјоделство „Отворен Балкан“ посочи дека потпишаниот договор за ветеринарна и фитосанитарна соработка и за безбедност на храната и добиточната храна отвора големи можности за трговија и дека наскоро би можело да се достигне ниво од една милијарда евра.
Вучиќ во своето излагање истакна дека трите земји, Македонија, Србија и Албанија, се подготвени да соработуваат во многу области, а земјоделството е една од најважните на кои ќе се посвети во наредниот период.
Сепак, тој посочи дека не се работи само за слободен проток на храна или сурови производи, размена на храна, туку и за соработка во областа на вештачката интелигенција, роботиката, ИТ-индустријата, што може да го поддржи развојот на земјоделството во иднина.
– Србија со Албанија има трговска размена во земјоделството вредна 70 милиони евра, а со Македонија вредна 216 милиони евра, тоа се мали вредности, но убеден сум дека наскоро може да се достигне нивото од една милијарда евра – посочува Вучиќ.
Според него, со потпишувањето на договорот ќе се овозможи забрзување на процесот на размена на земјоделски производи и намалување на загубите поради долгото чекање на границата.
Тој кажа дека потенцијалот за раст е бесконечен и рече дека кога се слушаат податоците дека размената во земјоделството може да надмине вредност од една милијарда евра, покажува колку оваа соработка може да биде важна за БДП на земјите учеснички.
Тој изјави и дека има многу институти и организации што треба да се поврзат и ја поддржа идејата на премиерот на Албанија, Еди Рама, да ги покани тие институции на следниот состанок.
– Треба да ги поврземе луѓето за да ја разберат идејата за вмрежување и поврзување на нашите земји – изјави Вучиќ.