Новиот бугарски премиер Кирил Петков истакна дека има желба да се сретне со новиот македонски премиер во втората половина на јануари, при гостувањето во емисијата „120 минути“ на БТВ, додавајќи дека и македонската страна има црвени линии, кои, како што вели, не може да се занемарат.

– Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции – порача Петков.

Тој предложи и пет работни групи – за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања, кои смета оти би требале да се состануваат месечно.

Петков нагласи и дека македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација.

Петков денеска ќе го прими грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, со што е предвидено да разговараат за билатералните односи меѓу Софија и Атина и можностите за нивно уште поактивен развој.