фото: Милко Живковиќ

Претседателот Стево Пендаровски претпладнево ја почна дводневната официјална посета на Република Србија.

Тој беше пречекан со највисоки државни и воени почести од српскиот претседател Александар Вучиќ пред Палатата Србија во Белград.

Пендаровски ќе има тет-а-тет средба со Вучиќ, по што ќе следува и пленарен состанок меѓу делегациите на Република Македонија и на Република Србија.

Претседателот Пендаровски, како што најавуваат од неговиот кабинет, ќе има средба и со претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ и со претседателката на Народното собрание на Република Србија, Маја Гојковиќ.

Во рамките на официјалната посета, Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија Марко Чадеж и со српски стопанственици.

Пендаровски утре во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателската панел-дискусија „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците”, заедно со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.