Отказот на трите сестри од Инфективната клиника предизвика голем број реакции на социјалните мрежи, особено што оваа клиника во овој период е столбот во третманот на пациентите со ковид-19, но и поради фактот што во екот на пандемијата секој човек во здравството е важен и потребен. Дали адекватно се вреднувани трудот и пожртвуваноста на медицинскиот персонал во државата и може ли овој пример да поттикне и слични други верижни реакции?

Попушта ли здравствениот браник пред налетот на пандемијата

Отказите на трите медицински сестри, од кои една е главна сестра на Инфективната клиника, уште еднаш потсети на алармантната состојба во државното здравство во Македонија. Паѓаат ли првите редови во здравствениот систем во борбата против пандемијата? Што се случува на Инфективната клиника? Дали адекватно се вреднувани трудот и пожртвуваноста на медицинскиот персонал во државата? Може ли овој пример да поттикне и слични други верижни реакции?
Иселувањата на стручен медицински персонал, кои траат со години, како и трансферите од државните во приватните клиники во земјава, се чести, што во јавноста отвора дилеми како функционира здравствениот систем во земјава.
Отказот на трите сестри од Инфективната клиника предизвика голем број реакции на социјалните мрежи, особено што оваа клиника во овој период е столбот во третманот на пациентите со ковид-19.

Главната медицинска сестра во барањето за прекин на работниот однос напишала дека бара да ѝ го прифатат отказот од работа, со претходна најава од еден месец, период во кој ќе го користи годишниот одмор од 2019 и 2020 година.
– Причините да ја напуштам клиниката по 28 години професионална работа се многубројни, но би навела само една: непочитување и деградирање на профилот медицинска сестра, како една од најважните алки во медицинскиот тим -напишала главната сестра во барањето за отказ.
Првите реакции на лекарите се дека ова е сериозна загуба за системот во многу лошо време.
Гордана Бешлиовска, координаторка на Унијата на здруженија на медицински сестри, вчера изјави дека проблемот со медицинските сестри во здравствениот систем се провлекува со години и не може да се гледа само низ примерот на индивидуални случаи, кои овој период дале отказ на своите работни места.
Проблемот на медицинските сестри, кои се носители на здравствената нега во целиот здравствен систем, според неа, лежи во тоа што нема дефиниција на професијата, односно на дејноста медицинска сестра.

– Нема законско решение за тоа што треба да работи медицинска сестра со средно, со вишо или високо образование. Сите работат исто, а на крајот од месецот земаат различна плата, во зависност од нивното образование. Медицинските сестри се оставени да работат по одредени правилници на различни раководни структури по клиниките – посочува Бешлиовска.
Таа смета дека одливот на медицинските сестри ќе биде поголем откако ќе заврши пандемијата.
– И сега имаме случаи кога медицински сестри одат во Србија да се дообразоваат, да полагаат испити за странски јазици. Тие се подготвуваат да одат на работа во странство – вели Бешлиовска.
Таа посочува дека медицинските сестри за време на пандемијата не смеат да одат во пензија, но затоа смеат да дадат отказ од работното место. Потоа додава дека мора да се најдат решенија, да се прифатат нивните барања, да се сменат законските решенија, за оваа професија да мрдне од мртвата точка.
– Светската здравствена организација оваа година му ја посвети на сестринството. Даде насоки како да се инвестира во медицинските сестри, во нивното образование и во здравствените политики на државите. За таа цел и кај нас треба да се преземат одредени чекори – заклучува Бешлиовска.

Во земјата, според неофицијални податоци, има околу 7.500 медицински сестри.
Министерот за здравство Венко Филипче вчераутро се сретнал со трите медицински сестри од Инфективната клиника. Тој на својот фејсбук-профил објави дека разговарал со нив да останат на Клиниката, како и дека по нивниот заслужен одмор ќе се обидат да најдат начин како да го продолжат нивниот работен процес.
– Утрово се сретнав со колешките Зорица, Силвана и Дивна, медицински сестри од Инфективната клиника. Тие изминативе седум месеци се на првата линија во борбата со пандемијата. За нивната посветеност и неуморна работа им изразив огромна благодарност. Кога се работи во такви тешки услови, со многу стрес и замор, разбирливо е да дојде до потреба за промена, за што целосно ги разбирам. Сепак, утрово ги поканив на разговор и разговаравме да останат на Клиниката, каде што нивната работа неизмерно се вреднува. Се договоривме по заслужениот одмор што го зедоа, повторно да разговараме и да најдеме начин да продолжиме заедно во битката со ковид на Инфективната клиника. Секој човек во здравството е важен и ќе направам сѐ за да ги мотивирам здравствените работници – напиша Филипче.

[email protected]