Вучиќ ги пречека Рама и Димитров во Белград

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска е домаќин на премиерот на Албанија, Еди Рама и вицепремиерот на Македонија, Никола Димитров. Средбата во Палатата Србија се одржува во рамки на иницијативата за соработка наречена „Отворен Балкан“. По тој повод, Вучиќ на Инстаграм порача дека „Отворен Балкан“ е историска одлука.

Инаку, како што е најавено, Вучиќ, Рама и Димитров прво ќе разговараат со претставници на компании од Србија, Албанија и Македонија. Потоа следува средба на тројцата функционери со претставници на Атлантскиот совет, па ќе се одржи средба на тројцата функционери, по што Вучиќ, Рама и Димитров ќе се обратат пред медиумите.

Иницијативата за отворен Балкан е економска зона формирана од три регионални земји – Албанија, Северна Македонија и Србија – и има за цел да ја зголеми трговијата и соработката, како и да ги подобри билатералните односи.

На 10 октомври 2019 година, Вучиќ, Рама и македонскиот премиер Зоран Заев започнаа иницијатива која неформално беше наречена „Мали-Шенген“, а која беше поддржана од Европската Унија и САД.

Оригиналното име на Мини Шенген иницијативата беше сменето во Отворен Балкан на крајот на јули, на состанокот во Скопје, на кој присуствуваа лидерите на трите земји, Александар Вучиќ, Еди Рама и Зоран Заев.

На таа средба беше договорено граничните контроли меѓу трите земји да бидат укинати од 1 јануари 2023 година, а беа потпишани три документи – Меморандум за разбирање за соработка во олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан, Меморандум за разбирање за соработка за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан и Договор за соработка во заштитата од катастрофи на Западен Балкан.