Фото: Маја Јаневска-Илиева

Фокусирани сме на тој меч, сигурен сум дека ќе дадеме максимум и ќе одговориме на предизвикот што го носи тој натпревар. Ќе се надигруваме, како на сите претходни натпревари, и ќе се обидеме да победиме, тоа е нашата крајна цел, вели селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, пред последните две квалификациски средби за СП 2022, со Ерменија во Ереван и со Исланд во Скопје, идната недела

ФУДБАЛ – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022

Нѐ очекува тежок меч, Ерменија е силен, квалитетен противник, кој добро ни е познат, кој има мотиви и свои сметки за освојување на второто место во групата. Во Скопје одигравме одлично против нив, доминиравме, но не успеавме да постигнеме гол и да победиме. Фокусирани сме на тој натпревар, сигурен сум дека ќе дадеме максимум и ќе одговориме на предизвикот што го носи тој меч. Ќе се надигруваме, како на сите претходни натпревари, и ќе се обидеме да победиме, тоа е нашата крајна цел, рече селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, на вчерашната средба со новинарите, пред последните две квалификациски средби во групата Ј, за пласман на Светското првенство (СП) во 2022 година, против Ерменија во Ереван и против Исланд во Скопје, на 11 и на 14 ноември.
Селекторот Милевски и пред овие средби се соочува со доста повреди на некои клучни играчи. Против Ерменија тој не може да смета на повредените Аријан Адеми и голманот Дени Илиев, како и на капитенот Стефан Ристовски (два жолти картона), а под знак прашалник се Стефан Спировски и Тихомир Костадинов. Ново име во репрезентацијата е Ваљон Етеми, од турскиот второлигаш Истанбулспор.

– Ние сме во фаза на градење нов тим, кој би требало да игра заедно во наредните неколку години. Етеми беше дел од младите селекции на Македонија, игра во добра форма, има потенцијал и квалитети за да се наметне во најдобрата селекција, сега и во квалификациите за Европското првенство во 2024 година. Но нема откажување од ниту еден играч што сега не е повикан, или кој било друг потенцијален репрезентативец. Мерило ќе биде нивната форма, ништо друго – вели Милевски.
Собирот на репрезентативците Милевски го закажа за понеделник, а тренинзите ќе се одвиваат на терените на спортскиот центар „Петар Милошевски“ во Скопје.
Германија како првопласирана во групата веќе обезбеди пласман на Мундијалот, а за второто место конкурираат Романија, која има 13 бода, како и Македонија и Ерменија, кои имаат по 12 бода. Во претпоследното коло, на 11 ноември, ќе се играат мечевите Ерменија – Македонија, Германија – Лихтенштајн и Романија – Исланд. Според пресметките, тие дуели нема да дадат одговор која селекција ќе биде второпласирана, односно сигурно е само дека Лихтенштајн нема никакви шанси за такво нешто. Тоа значи дека решавачки ќе бидат последните мечеви во групата Ј, закажани за 14 ноември, Македонија – Исланд, Ерменија – Германија и Лихтенштајн – Романија.


Бараж-дуелите се во март идната година

Десетте првопласирани репрезентации во групите директно ќе се квалификуваат на фудбалското Светско првенство (СП) во 2022 година, кое ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември во Катар. Досега само Германија и Данска, како и домаќинот Катар, обезбедија место во завршницата.
За плејоф-натпреварите, кои ќе се играат од 24 до 29 март 2022 година, на десетте второпласирани во групите ќе им се придружат две селекции победнички на групите во Лигата на нации (ЛН), од сезоната 2020/2021, кои не се квалификувале за СП како победници во групите, ниту пак влегле во плејофот. Тие 12 селекции ќе разигруваат меѓу себе за преостанатите три места, вкупно 13 за земјите од Европа што ќе настапат на СП 2022.


СОСТАВ

Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски, Ристе Јанков (голмани), Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Висар Муслиу, Кире Ристевски, Езѓан Алиоски, Тодор Тодоровски, Стефан Ашковски, Ѓоко Зајков, Никола Серафимов (одбрана), Елиф Елмас, Енис Барди, Стефан Спировски, Тихомир Костадинов, Ердал Ракип, Јани Атанасов (среден ред), Адис Јаховиќ, Милан Ристовски, Бојан Миовски, Александар Трајковски, Дарко Чурлинов, Ваљон Етеми (напад).