Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ, денеска најави дека на 25 октомври, недела, ќе се одржи дигитален конгрес на СДСМ.

– Првпат во нашата земја тоа ќе го направи најсилната, најдинамична и најотворена демократска партија – СДСМ. Во согласност со новата нормалност, се грижиме за здравјето на граѓаните, но и на делегатите, гостите и медиумските работници. На овој дигитален конгрес ќе биде даден отчет за досега сработеното, со осврт на изборниот резултат, победата на парламентарните избори и визијата за следниот 4-годишен мандат даден од граѓаните. Како современа партија, која постојано се менува, ќе разговараме за измени и дополнувања на Статутот на СДСМ за уште поголема демократизација на партијата. За зголемување на директната внатрепартиска демократија, зајакнување на положбата и учеството на жените и младите и процесите на одлучување. Етичка одговорност на сите членови на СДСМ, во согласност со највисоките меѓународни стандарди и практики, се наши заложби, кои ќе ги канализираме на соодветен начин. Со предлог-измените првпат во историјата на Република Северна Македонија, СДСМ ќе спроведе директен избор на претседател на партија. Членовите лично ќе гласаат на слободни, непосредни, фер и демократски внатрепартиски избори – рече тој.

„Најавувам и други измени во согласност со меѓународните стандарди на социјалдемократијата, како што ѝ прилега на една прогресивна партија како СДСМ. Преку низа конкретни примери СДСМ покажа дека знае да се менува на подобро, во интерес на граѓаните, во интерес на државата, во интерес на демократијата. Тој процес го продолжуваме заедно. Продолжуваме да работиме посветено за да биде уште подобро за сите. Се гледаме на 25 октомври на првиот дигитален конгрес на СДСМ“, додаде Николовски.