Ред, правда и дисциплина во сите институции во новиот мандат, намалување на администрацијата за 20 осто, како и укинување на патните трошоци за пратениците, најави денеска на прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

Тој оцени дека структурата на институците и нивната поставеност е далеку од оптимална и создава бесконечни лавиринти.

– Наместо да ги штитат правата на граѓаните и да ја помагаат економијата, стануваат нивни кочничари. Затоа во новиот мандат фокусот ќе ни биде ова да го промениме, со промени во струкурата, квалитетот и големината на администрацијата. Ја намалуваме администрацијата за 20 проценти. Во администрацијата ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните и уште годинава започнуваме целосна реорганизација на јавниот сектор – рече Манчевски.

Тој најави нов концепт за средниот менаџмент, со јасни критериуми за назначување и разрешување, појаснувајќи дека повеќе нема да има раководители до пензија.

– За вработените во администрацијата се предвидени повисоки плати, но како награда за резултат, како и унифицирање на платите за иста работа. Тие носат индивидуална одговорност, но ќе бидат оценувани како тим – рече Манчевски.

Потпретседателот на СДСМ најави и укинување на патните трошоци за пратениците во Собранието, коментирајќи дека системот на патни трошоци покажал можност за злоупотреби и затоа ќе го променат од корен.

– Воведуваме законска обврска за јавна објава на сите службени трошоци на сите функционери во извршната, локалната и судската власт. Ќе донесеме измени во Кривичниот законик со кои ќе се заостри казнената политика за дела поврзани за носители на функции. Ќе ги намалиме привилегиите на јавните функционери, а со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата – додаде Манчевски.