Кратко објаснување на феноменот на лажната солидарност и квазипризнавањето на македонскиот идентитет (бугарскиот случај)

Кажано е, реториката на колонијализмот остава впечаток на добродетелство.
Со писмото од 17.9.2021 година, Бугарскиот ПЕН со добронамерна реторика исполнета со желба за соработка со Македонскиот ПЕН и македонските писатели, всушност, ја застапува официјалната теза на бугарските државни институции, политички партии и европратеници.
А официјалната теза е дека, наводно: македонскиот народ е вештачка комунистичка конструкција од 1945 г., Македонците се Бугари по потекло, македонскиот јазик е западен дијалект на бугарскиот јазик, македонската културна политичка историја е составен дел на бугарската историја, затоа што Македонците се македонски Бугари, Македонија е географска област и – конечно – старословенскиот јазик и писменост се бугарски. Бугарија значи признава еден – според нив – вештачки национален и културен и јазичен идентитет, затоа што е принудена според меѓународните конвенции на ОН да го направи тоа формално, но суштински го тврди спротивното.
Оти, не постои суверена држава и национален идентитет без да има суверено право да си го востанови и афирмира својот историски наратив на свој начин. Наративите на сите држави, запишани во уставните преамбули, се делумно историски факти, делумно митска меморија и народно предание. Никому, поради тоа, не му паѓа на памет да го адоптира (присвои, украде) севкупното културно историско наследство на друга соседна нација, независно од хронологијата на создавањето на државата. Никому не му паѓа на памет да ја блокира интеграцијата на соседната држава врз националистички тези дека народот на таа држава е по потекло идентичен на народот на соседната држава. Принципот на уцена врз интерпретација на генезата, културата и јазикот не се ни европски ни хуманистички вредности.

Тешко е да се објаснат апсурди тези, ама сепак постколонијалната теорија укажа на многу законитости на културниот хегемонизам, кои овозможуваат објективна интерпретација. Бугарската позиција е актуелен пример на балкански културен хегемонизам, што е другото лице на еден современ културоцид. Само ќе набројам неколку псевдоаргументации и погрешни интерпретации на бугарската позиција.
Македонија и Бугарија имаат заедничка историја. Под заедничка историја Бугарија подразбира „бугарска“ историја. Македонската историја е бугарска. Сѐ наше е Мое. Таа бара да се ревидира историскиот наратив на Македонците во сите области: устав, образование, историографија, интернет, наука…
Бугарија не прави разлика ни меѓу споделени места на меморија и заедничка историја. Сите балкански и медитерански, а во голема мера и европски народи, имаат споделени места на меморија. Од некои периоди повеќе (Прва и Втора светска војна), од некои помалку (среден век, антика). Но споделените места на меморија не се причина за конфликт, туку за пријателство и соработка.
Бугарската историја започнува со Протобугарите, македонската, пак, со Древните Македонци. Во историската свест на Македонците во 19 век е доминантен античкиот наратив, името на територијата било важен фактор за тоа, но и богатото античко културно наследство на територијата на Македонија, нејзиниот територијален интегритет во тоа време и народното предание, т.е. колективната меморија во која се зачувани рефлексии за поврзаноста со Древните Македонци.
Македонците никогаш не ја славеле старата бугарска династија, немаат никако чувство на припадност на таа култура. Бугарите, од друга страна, немаат никаква претстава, на пример, за Македонското научно-литературно другарство формирано во Санкт Петербург, од 1902 г., кое ја промовира концепцијата за континуитетот во постоењето на Македонија и Македонците.

Со други зборови, меѓу Македонците и Бугарите постојат одредени споделени места на меморија, но и многу други што не се споделени и сведочат за нивната културна посебност. Ние сме соседи повеќе од 13 века и во услови на империјален Балкан тоа е сосема нормално. Постојат релативно мали разлики од религиски карактер, релативно мали етнички разлики, ако се имаат предвид големата македонска емиграција од последните три века, домородните (нативните) Македонци од регионот на Пиринска Македонија и релативната блискост меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Во времето на Отоманската Империја, кога во црквите се користел црковнословенскиот јазик (или грчкиот), било нормално народите да се препознаваат како блиски поради старословенското јазично наследство. Така е формирана свеста за словенскиот карактер на двата говорни идиома, македонскиот и бугарскиот. Денес тие два јужнословенски јазика иако се аналитички, се многу оддалечени. Оти јазикот е поглед на свет, а Македонците и Бугарите имале и имаат различни погледи на светот, различен сензибилитет спрема митот, историјата, реалноста, иднината, соседите, слободата, државноста…
Македонците имаат и трауматични места на меморија поврзани со Бугарија. Добар пример за тоа е воената окупација и администрација во периодот 1941-1945 година, факт што тие денес бараат да се избрише. Фактите можат да се заборават и да се маргинализираат, но не и да се фалсификуваат.
Македонскиот јазик припаѓа на групата на словенски јазици и подгрупата на јужнословенски, со некои балкански елементи исто така (поради што се смета и за специфичен). Врз основата на македонските јужни дијалекти (во близината на Солун), кодифициран е старословенскиот јазик, на почетокот за превод на Библијата. Глаголицата, како прво старословенско писмо на светите Кирил и Методиј, со векови бил во употреба во македонските книжевни центри (како и во Хрватска и во Босна и Херцеговина). Во Бугарија уште во 894 г. е воведена официјално бугарската кирилица и не познава систематска глаголичка традиција.

Македонија е горда што старословенската писменост историски се поврзува со македонското население од 7, 8 и 9 век, но никогаш не рекла дека старословенската култура е исклучиво македонска. Македонија нема претензии големата култура да ја сведе на локална и приватна сопственост. Обратно, пред една година, 2020-та, Бугарија донесе закон според којшто старословенската писменост е бугарска. Логосот на културната хегемонија е ентропичен.
Секоја историја на народите што до 19 век и не биле нации и немале своја нација држава како денес, има потреба од просторна и темпорална перспектива. Но тоа не значи дека соседите ја немаат таа потреба. Затоа треба заемно признавање на сите малцинства што денес живеат во рамките на други држави, право на самодекларација и слобода на изразот. Македонците во Бугарија немаат такви права.
Република Македонија од 2001 до 2021 г. се трансформира од национална и граѓанска држава во „мултиетничка држава“. Сите општества се помалку или повеќе мултиетнички, но државите се седиште на нацијата, дом во којшто различни етнички и јазични заедници создаваат една заедничка конструкција врз принцип на конвенции. Од 2018 г. наваму, Македонија се соочува со опасности од конфликт и распад. Последниот неофицијален став (non-paper) од европските кругови ѝ дава гаранции на Бугарија дека ќе ја признае како нација, иако во Бугарија има голем број бугарски Турци, Роми и Македонци. Македонците се сведени денес на етничка и јазична заедница на којашто како на егзотично племе ќе му се дозволи да се изјасни слободно, но мултиетничката држава Северна Македонија е предмет на тајни и други преговори за делба („стереотипот јаболко на раздорот).

Го молам Бугарскиот ПЕН да ја изрази својата спремност за дијалог, соработка и солидарност без да ја промовира официјалната државна теза дека Македонија е создадена врз бугарски темели и наследство. Таквата интерпретација е погрешна. Ние како Македонци имаме право на своја интерпретација на нашиот идентитет, историја, еволуција, фактографија. Допуштаме плуралитет на интерпретации, што значи дека апелираме и на сопственото право на интерпретација на историските факти и културното наследство.
Бугарија денес прави историска грешка. Во составот на современата бугарска нација има многу Македонци по потекло, но со текот на времето се асимилирани. Впрочем, во Бугарија законите се такви, што за да се добие бугарско државјанство, граѓанинот е принуден да се изрази како Бугарин по потекло. Таков е случајот и со наводните Бугари во Македонија што имаат бугарски пасоши. Тие немаа друг избор, освен да се потпишат како Бугари по род за да добијат бугарски пасош и да се движат слободно низ Европа и светот, да работат и да бараат егзистенција надвор од Македонија, во којашто е веќе многу тешко да се живее на цивилизиран начин. Иронично е да се повикувате на бројот на издадени пасоши како на факт за идентитетот на Македонците. Македонците се веќе предмет не само на културоцид туку и на етноцид. Историјата се повторува. И Македонците ги негираат, зарем не?
– Апелирам до членовите на ПЕН Бугарија, особено до неговиот одбор, да се издигнат над бугарските државни политики и да промовираат целосна солидарност и признавање на македонскиот идентитет, без историски и политички ограничувања и предрасуди. Предрасудите по дефиниција се илузии, знак на некоја несоодветна перцепција.

Авторката е потпретседателка на Меѓународниот ПЕН