Фото: Игор Бансколиев

Во најранливиот период од нашата системска државна трансформација и транзиција, нашите соседи гo злоупотребија своето т.н. „добрососедство, сила и големина“ за нивни уцени, во функција на своите вековни национални аспирации кон македонската територија, јазик, култура, историја, државно име и преостанатите национални атрибути. Поради таквите состојби се роди неопходноста за наш рационален исчекор во насока на носење правни акти, во кои би се легитимирале нашите национално-идентитетски позиции, а истовремено би се отфрлиле јавно декларираните хегемонистички аспирации на нашите соседи, кои, користејќи ги механизмите на ЕУ, полека стануваат прифатливи и за меѓународната заедница

Заедничка парламентарна резолуција – силна порака и до домашната и до
меѓународната јавност

Општоцивилизациските придобивки во врска со идентитетските прашања во меѓународните односи се стипулирани во Повелбата на Обединетите нации. Имено, токму таму е апсолвирано правото на самоидентификација, самоопределување и самоименување на народите и државите. Затоа, многу нормална беше и претпоставката дека со тој гореспоменат факт се прави депласирана „потребата во 21 век“ нациите и државите во своите парламенти да донесуваат и изгласуваат посебни правни акти, во вид на декларации и резолуции, со кои „го потврдуваат својот национален идентитет“. Но на нашиот македонски пример, меѓународната заедница повторно ги прекрши универзалните придобивки и принципи на меѓународното право и поредок.

Во теоријата едно, во практиката е сосема друго

Веќе триесетина години македонската нација и независна државност се оптоварени со докажување на правото (кое за преостанатите народи и држави се подразбира) за сопствен автентичен национален идентитет. Наметнувањето на таквите идентитетски предизвици со силен притисок се случи однадвор, особено од нашето соседство, исклучително засилено во моментите кога нацијата плебисцитарно донесе одлука за своја самостојна и суверена опстојба и развој, истовремено презентирајќи амбиции за евроатлантски интеграции.
Токму во таков најранлив период од трансформацијата и транзицијата, нашите соседи ги злоупотребија своето „добрососедство, сила и големина“ за уцени, во функција на нивните вековни национални аспирации спрема македонската територија, јазик, култура, историја, државно име и преостанатите национални атрибути. Токму таквите состојби ги направи рационално потребни чекорите во насока на носење правни акти, во кои би се легитимирале нашите национално-идентитетски позиции, а истовремено би се отфрлиле јавно презентираните хегемонистички аспирации на нашите соседи, кои, користејќи ги механизмите на ЕУ, полека стануваат прифатливи за меѓународната заедница.
Особено во контекст кога во соседна Бугарија веќе постои Декларација изгласана во нивното собрание за нивната рамковна позиција во однос на условите што ѝ ги задаваат на Македонија, за поддршка во процесот на евроинтеграциите. Како тоа да не е доволно, па во пресрет на новите парламентарни избори во Бугарија на 11 јули, тамошни интелектуалци и партии бараат дополнителна реафирмација на овие позиции со нова декларација, со која сите партии што учествуваат на изборите ќе се обврзат да го одржуваат европското вето за Македонија, сѐ додека не ги исполни бугарските услови.

Хомогенизирање на политичко-партиските ставови во парламентот

За разлика од категоричноста и доследноста на уценувачките аспирации на бугарскиот политички естаблишмент, ставовите во македонската политика околу потребата за собраниска резолуција во која би биле дефинирани идентитетските, историските, јазичните и преостанатите национални атрибути, отсекогаш биле спротивставени поради различни политички аргументи и интереси. Дури и тогаш кога македонскиот национален идентитет оспоруван во континуитет доживува кулминација од атаки со уценувачки декларации од Бугарија (со намера тие да станат дел од преговарачката рамка на ЕУ за Македонија), власта и опозицијата кај нас имаа еден вид политичка пресметка за идејата за носење заедничка резолуција во највисокиот законодавен дом. Но веројатно таквиот политички вакуум веќе е надминат, а е постигнато усогласување на ставовите по тоа прашање од политичките чинители.
– Позитивната страна од носењето резолуција во Собранието во однос на преговарачките позиции во историско-идентитетскиот спор со Бугарија (и воопшто во преостанатите меѓународни релации) е тоа што би се утврдиле македонските национални црвени линии. Се чини дека потребата од дефинирање на македонските црвени линии уште посилно ја наметнува и предизвикува тврдиот бугарски став со ветото за ЕУ и декларациите на нивното собрание. Во бугарската политичка сцена постои општа согласност во однос на цврстината на ставот за условите што ѝ ги поставуваат на Македонија, додека македонскиот став за црвените линии е драстично помек и неусогласен од политичките чинители. На прв поглед, таквиот мек став остава впечаток на подготвеност за попуштање. Од друга страна, кога двете страни би имале цврст став, тоа е лоша позиција за преговори. Во секои преговори е потребна флексибилност, но флексибилност без јасни позиции до каде што може да се оди во преговорите е уште полоша позиција. Повторно се ставаме во иста ситуација како во преговорите со Грција, да се откажеме од малцинствата, од пресудите на меѓународните судови во наша корист… Не ги користиме аргументите што се на наша страна и во овие преговори – вели професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет при УКИМ.

Плус, да се проценат реалните позиции на САД и на земјите на ЕУ

Во однос на влијанието на евентуалната резолуција на македонското собрание во меѓународните релации, професорот Калајџиев смета дека треба да се проценат реалните позиции на САД и на земјите на ЕУ, но и на Велика Британија, односно колку е реална нивната декларирана поддршка на македонските евроинтеграции.
Иницијативата во Бугарија за реафирмирање на Декларацијата на тамошното собрание, од 2019 година, на одреден начин како да создава притисок во македонската јавност за поддршка на идејата за гласање резолуција во Собранието, со која би се дефинирале националните црвени линии.
– Уште многу одамна, на почетокот на независноста, во Македонија требаше да се донесе национален правен акт со кој ќе беа декларирани националниот идентитет, јазик, историја… Тоа требаше да се направи уште по Лисабонската декларација, во 1992 година, кога почнаа да нѐ негираат од меѓународната заедница. Уште тогаш, ако знаевме дека целта ни се ЕУ и НАТО, а знаевме и со какви пречки ќе се соочуваме, требаше да направиме национална стратегија како ќе пристапуваме. Можеби во овој миг изгледа депласирано да се прави таква декларација, но не е доцна. Од меѓународната заедница може да се толкува како водење инает со бугарските декларации, но Македонија, т.е. македонските политичари треба да го надминат синдромот на самоуништување и за клучни интереси еднаш треба да постигнат консензус. Голем дел од досегашната штета за македонските национални интереси се должи на тоа што партиите не успеаја да направат консензус за круцијалните прашања и ги користеа за политички антагонизам – вели универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Борче Давитковски.


Албанските партии се плашат дека собраниска резолуција ќе ги загрози евроинтеграциите!?

По средбата во Собранието на предлагачите на резолуцијата со претставници на пратеничките групи на ДУИ и Алијанса за Албанците, резултатот е дека ДУИ не ја прифаќа резолуцијата, а Алијанса на Албанците и Алтернатива дополнително ќе заземат став, откако претходно за ова ќе дискутираат партиските тела.
Од ДУИ сметаат дека таква резолуција би ги загрозила односите со соседите, вклучувајќи и со Бугарија, а тоа би ги загрозило и евроинтеграциите. Сепак, очекуваат во Собранието да има конструктивна дебата за резолуцијата, на која ќе бидат изнесени сите очекувани и претпоставени ефекти од нејзиното усвојување.
Ставот на Алијанса за Албанците е дека „добро би било еден ваков документ да произлезеше консензуално“, но нивниот став за неподдршка на резолуцијата, во суштина, ги изрази нивната политичка еквилибристика и дволичност.
Нема дилеми дека евроинтегративниот процес треба да продолжи и дека нема алтернатива за членство на земјава во ЕУ. За нас како партија нема дилеми дека македонскиот јазик и воопшто македонскиот идентитет не смеат да бидат загрозени. Добро ќе беше еден ваков документ да произлезеше консензуално. Како и да е, интеграцијата и македонскиот идентитет се многу важни принципи и за нив не би било чесно да се прави партиски пазар – е ставот на Алијанса за Албанците.


Иницијатива во Бугарија за нова уценувачка декларација за Македонија

Имиња од научната заедница во Бугарија на партиите учеснички во изборите им предложиле декларација со која ќе ги потврдат националните позиции во однос на македонската евроинтеграција. Предложената декларација ја обелодени предизборната коалиција „Бугарски патриоти“, составена од десничарските партии ВМРО-БНД, Волја и НФСБ. Како што објави бугарскиот весник „Труд“, „Бугарски патриоти“ ја добиле декларацијата вчера преку електронска пошта, потпишана од истакнати имиња во научната заедница. Во неа биле повикани сите партии што ќе учествуваат на изборите на 11 јули јасно да кажат дека нема да отстапат од сегашната позиција на Бугарија во однос на членството на Република Македонија во ЕУ. Оние што ќе ја потпишат декларацијата се обврзуваат на изјава дека новиот бугарски парламент и Владата ќе продолжат во ист дух, почитувајќи ја волјата на бугарскиот народ, бидејќи секое отстапување од тоа би било еднакво на национално предавство. Следуваа седум точки (во голема мера познати од поранешните бугарски ултиматуми) од чие исполнување ќе зависи поддршката на Бугарија за почеток на македонските преговори со ЕУ.