Фото: Игор Бансколиев

Двојните податоци за површината на државната македонска територија се провлекуваат одамна, но ниту една државна институција не обрнала внимание ниту потреба да го објасни тоа и да им даде официјален тон на ваквите сознанија. Според моите професионални и теренски сознанија, оваа разлика во бројките за територијата на Македонија се должи на тоа дали се земаат предвид водените површини или не. Таа разлика од околу 300 квадратни километри се претпоставува дека ѝ припаѓа на површината на езерата, објаснува статистичарот Дончо Герасимовски

Територијалниот интегритет на Македонија загрозен и со статистичка агресија

Извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија во нејзините евроинтеграции, освен политичките слабости и предизвици за државава во однос на европерспективата, откри и една статистичка диспропорција во податокот за површината на државната територија. Имено, во статистичката табела објавена на крајот од извештајот, во графата за површината на Македонија се наведени различни бројки во периодот од 2007 до 2017 година со оние што се појавуваат веќе од 2018 година.

Гледано преку таквите податоци, може да се заклучи дека територијата на Македонија во овие три години се намалила точно за 279 квадратни километри. Во статистиката што е цитирана во извештајот на ЕК, до 2017 година површината на државната територија на Македонија е наведена – 25.713 квадратни километри, додека за 2018 година таа изнесува 25.434 квадратни километри. Иако оваа статистика е поставена на крајот од извештајот, напишан на стотина страници, ваквата статистичка промена во територијалната површина на земјата сепак беше забележа во македонската јавност, што предизвика сензибилизација и прашални реакции, пред сѐ на социјалните мрежи.
Всушност композиторката Дарија Андовска прва го откри овој „исчезнувачки феномен“ на македонската територија и со статус реагираше на социјалните мрежи.
– И тоа не е сè, дами и господа. Бројчето што сите го знаеме наизуст од осмолетка – 25.713 км2, веќе не е тоа. Итс меџик. Сега е 25.434, или речиси за 300 км2 помала Македонија. Say what again?! Се смалува со перење. Мозоци – напиша професорката во врска со намалената територија на Македонија.
Ваквата статистичка промена во извештајот на ЕК ги отвори прашањата и сомневањата каде и како земјата загубила дел од својата територија што може да биде појас широк 10, а долг 29 километри? Во отсуство на некакво објаснување од Владата, се потсетува и дека според Уставот никој не може да се откаже од територија на земјата ниту територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.

– Ваквите двојни податоци за површината на државната македонска територија се провлекуваат одамна, но ниту една државна институција не обрнала внимание ниту потреба да го објасни тоа и да им даде официјален тон на ваквите сознанија. Според моите професионални и теренски сознанија, оваа разлика во бројките за територијата на Македонија се должи на тоа дали се земаат предвид водените површини или не. Таа разлика од околу 300 квадратни километри се претпоставува дека ѝ припаѓа на површината на езерата. Со децении фигурираат и двата податока за територијата на Македонија: 25.713 и 25.434 квадратни километри, но ќе повторам дека ова толкување за навидум „статистичка грешка“ произлегува пред сѐ од моето долгогодишно искуство во работата со статистичката проблематика, но не е и официјален податок потврден од институциите на системот – објаснува Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Герасимовски укажува дека ваквите недоречености и небрежност на државните институции за прецизноста на некои егзактни податоци лесно може да предизвикаат вознемиреност во јавноста и да бидат злоупотребени, особено во период на политичка напрегнатост за национално-државниот суверенитет. Освен тоа, ваквата „статистичка грешка“, која се провлекла дури и во европските документи, отвора прашања за уште многу други статистички предизвици и пропусти во работата на државните институции во Македонија, кои, сепак, не се објаснуваат секогаш со ноторниот факт дека речиси две децении не е спроведен попис на населението.

– Во актуелниов период се покажува дека немаме релевантни статистички податоци за повеќе сегменти во општеството. На пример, во периодот полн со предизвици за организирањето на наставата во услови на пандемија, нема прецизни статистички сознанија колку од 989-те основни училишта во Македонија се централни, а колку се подрачни. Не се знае прецизно ни колку населени места има во земјава, ниту внатрешните територијални граници на општините, како ниту бројноста на населението.

Можеби звучи куриозитетно, но нема процена на населението во седумте скопски општини, а не се спроведени во практика ниту новите општински граници по територијалната поделба од 2004 година, кога некои скопски општини се поделија, односно беа додадени нови општини… Реалната состојба е дека некои населени места и општини според закон ги има, но на терен ги нема – вели експертот Дончо Герасимовски.
Тој наедно укажува и дека спроведувањето на овие активности е дел од тековната работа на институциите, а спроведувањето на пописот на населението е дополнителен предизвик, со оглед дека и понатаму тоа е најсложена и најскапа статистичка операција, а за многу подготвителни активности е потребно да се донесе закон, најбрзо што е можно. Непрецизната статистика, односно непрецизното објавување и толкување на податоците, освен што може да предизвика забуни, може да биде и злоупотребено во скриени политички намери.