Фото: Игор Бансколиев

Испорачувањето на лицата обвинети за кривични дела од други држави во меѓународни правни лавиринти

Постои ли начин да се реши испорачувањето на лицата што се обвинети за извршени кривични дела во Македонија од државите во кои пребегнале? Дали правната институција наречена екстрадиција функционира успешно кај (за) нас или како дел од меѓународното право и тоа потфрла во реализацијата? Има ли можност да се намали списокот на луѓе што треба да се екстрадираат за да ја дочекаат правдата во државава? Вакви и слични дилеми станаа актуелни во домашната јавност откога министерот за правда Бојан Маричиќ информира дека во повеќе наврати Министерството ургирало до грчките власти да добие одговор за екстрадицијата на поранешните вработени во УБК Горан Грујевски и Никола Бошковски, но оттаму добивале одговор дека не можат сè уште да ги лоцираат. Имено, двајцата поранешните македонски разузнавачи Грујевски и Бошковски беа обвинети од Специјалното јавно обвинителство, но от кога ја напуштија државата властите во Атина не можат да ги лоцираат.
– Во повеќе наврати беше ургирано да се добие одговор, но одговорите од страна на грчките власти велеа дека лицата сè уште не можат да бидат лоцирани. Во моментов сè уште немаме добиено одлука, но Министерството за правда ги прави сите напори лицата што се бараат со меѓународна потерница, а тоа се и овие две лица, да бидат изведени пред правосудните органи. Кога ќе добиеме соодветен одговор од грчките власти, ќе бидете навремено известени – истакна министерот Маричиќ на неодамнешна прес-конференција.

Хронологија на попознати екстрадициски барања

Случајот со разузнавачите не е единствениот што македонските правосудни власти го очекуваат за разврска во државата. Меѓу попознатите е случајот со поранешниот премиер Никола Груевски, кој живее во политички азил во Будимпешта, откако побегна по донесувањето на пресудата за случајот „Тенк“ на поранешното СЈО. Македонските власти бараа негова екстрадиција за издржување двегодишна затворска казна поради незаконска набавка на „мерцедесот“, како и за обвинението за организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година. Судот во Будимпешта го одби барањето, затоа што условите за екстрадиција не биле исполнети, бидејќи поранешниот македонски премиер има статус на бегалец во Унгарија.
Натаму, сличен е примерот и со Дејан Давитковски, кој е обвинет за тероризам и уривање на уставниот поредок за настаните од 27 април, кој, пак, побегна во Шведска. По неговото приведување, поради меѓународна потерница на аеродромот „Скаваста“, тамошниот Врховен суд го одби барањето за екстрадиција, затоа што, според шведските закони, не може да се екстрадира поради политичко дејствување. Давитковски пред шведските власти тврди дека е политички гонет.
Од друга страна, претходно косовските власти одбија да ги екстрадираат обвинетите во случајот „Монструм“ Алил Демири и Африм Исламиловиќ. Станува збор за прво и второобвинети за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, кое се случи на 12 април 2012 година. За нив Министерството за правда трипати досега испратило барања за екстрадиција со ветување дека ќе добијат фер судење, нешто за кое косовските власти велат дека се сомневаат оти ќе им биде пресудено врз национална основа.
Од Косово сѐ уште се чека и екстрадиција на обвинет од криминалната терористичка група што на 9 мај во кумановското Диво Насеље уби осум полицајци. Слично како и овие случаи, во 2014 година и Германија одби да го екстрадира второобвинетиот во предметот „Фаланга“, Давид Шекуларац, затоа што во барањето за екстрадиција немало наведено доволно основи.
Едно од постарите и попознати барања за екстрадиција е она за поранешниот прв цариник Драган Даравелски, кој во 2007 година беше осуден во отсуство на седум години затвор. По неговото бегство од земјава и по потерницата од Интерпол, беше уапсен во 2016 година во Србија, но тој никогаш не ѝ беше испорачан на Македонија.

Екстрадицијата е компликувана државноправна материја

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, вели дека кога се говори за екстрадиција, мора да се разбере дека станува збор за една комплексна државноправна материја за чие функционирање се инволвирани повеќе фактори.
– Неуспешните екстрадиции во Македонија може да бидат резултат на три причини. Првата, односно непостапување на матичната држава правовремено за некој предмет, најчесто во трошење на законското време за почитување на правната процедура со другата држава. Втората поради немање соодветна констатација до државата од која го побаруваме лицето дека ќе му се понудат во Македонија фер услови за судење. Третата поради постоење на проблемот со двојните државјанства, каде што, пак, најчесто постои можноста за спроведување на судење во странство за предмет за кој одредено лице се гони во Македонија – вели судијката.
Таа истакнува дека Македонија не е единствената држава што има голем број пречки со екстрадицијата, бидејќи станува збор за комплексна релација, која подразбира двонасочен сооднос со други земји, правна оваа област што дејствува во рамките на меѓународното право и меѓународните правни и онака комплицирани функционирања.
Во своја изјава на темава за медиумите, универзитетскиот професор Ќебир Авзиу вели дека екстрадицијата колку што е правен проблем толку е и политички проблем. Според него, проблемот со овие процеси не е во техничкиот начин на кој се бара екстрадиција од нашата земја, туку во недостигот од политичка волја на државите да одговорат позитивно на македонските барања за екстрадиција.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, пак, вели дека екстрадицијата не може секогаш да се спроведе, бидејќи врз неа влијаат комбинирани фактори, од кои некои се од политичка природа, а некои од правна природа.
– Спроведувањето на екстрадицијата за случајот во Грција е многу компликувано да се изведе, бидејќи тамошниот суд ги прифатил наодите на Стразбур за проблематиката поврзана со помилувањето на разузнавачите. Односно, во овој случај Македонија многу тешко ќе си ја оствари целта, бидејќи не може да се меша во независната судска власт во Грција, кај која тешко пробиваат влијанијата и на тамошните политичари. Во делот на настаните поврзани со неколкуте неуспешни екстрадиции од Косово, пак, тука станува збор за одредена коруптивна и политичка заднина. Кога некоја држава одбива екстрадиција за кривично дело што е казниво и таму и во нашата земја, веднаш се реагира со дипломатски ноти со прекинување на државни релации и слично. Кај нас факт е дека се потфрла на оваа тема кога станува збор за Косово, и Македонија воопшто не реагира на овој начин – ги коментира некои од случаите судијата Илиев.

Според него, ако една држава сака да ја постигне својата цел во оваа проблематика, таа треба да е упорна, издржлива и настојчива.
– Успехот во овие процеси лежи во долготрајната упорност на оние во министерствата што се надлежни за проблематиката, во инсистирањето, во професионалноста на подготвувањето на неопходните документи и во строгото запазување на роковите и правната комплексност на секој случај посебно – резимира Илиев.

[email protected]