Здружението на новинарите (ЗНМ) регира на односот на претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски кон новинарите во текот на попладневната прес-конференција.

Од ЗНМ сметаат дека тој имал непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите, во делот кога се обидувал да одговара на новинарските прашања.

– На новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот, како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк, тој наместо да одговори конкретно имаше вербална расправа со колешката. Имено, Даштевски пропушти да даде конкретен одговор и истовремено се интересираше колешката од која телевизија е, по што и се обрати со зборовите, треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање, како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува – се наведува во реакцијата на ЗНМ.

Од таму потсетуваат и дека според Изборниот законик, член 31, ДИК има обврска да ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право.

– Од друга страна, новинарот има право да изрази мислење и да постави прашање без разлика од кој медиум доаѓа и дали истото прашање му се допаѓа на претседателот на ДИК или не – велат од ЗНМ.

Додаваат и дека за да биде задоволено правото за информирање, посебно на денот на изборите, нужно е Државната изборна комисија и сите останати институции да се отворени кон новинарите преку навремено и целосно давање на информации на неселективен начин.

Во текот на денот до ЗНМ пристигнале и неколку поплаки од страна на онлајн медиуми и тоа за попречување на нивната работа од страна на симпатизери на политички партии како и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје, но и во неколку други градови.

– Со цел да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки бараме нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста – посочуваат од Здружението на новинари.