Европската комисија ја повика Европската унија (ЕУ) да почне пристапни преговори со Македонија и со Албанија, но скептиците предводени од Франција тврдат дека Унијата не треба да размислува за проширување додека не спроведе сопствени интерни реформи, пишува „Политико“.

Згора, критичарите на идејата за проширување ги потенцираат корупцијата, организираниот криминал и сиромаштијата кои ги измачуваат балканските држави по војните во 90-те години на минатиот век, во нивните стравувања дека проширувањето би можело да ги пренесе овие проблеми во ЕУ.

Во пресрет на Советот за општи прашања на ЕУ на 18 јуни, „Политико“ предвидува дека оваа средба би можела да заврши исто како и претходната, со одлагање од барем еден или два месеци. 

За разлика од Франција, Германија ја презема водечката улога на Балканот, поддржувајќи ги пристапните преговори за Македонија и за Албанија. Но, во анализата се наведува дека и Германија ќе има потешкотии за да утврди јасен став до 18 јуни. 

Европската комисија претходно го одложи објавувањето на пакетот за проширување, чекајќи да поминат европските избори, што значи дека германскиот Бундестаг, кој треба да даде мислење за одлуката за проширување, ќе има малку време за размислување до состанокот. 

– Зеленото светло за пристапни преговори, можеби нема да биде за двете држави – наведува „Политико“.

Ако на јунскиот собир не биде донесена одлука, се спомнува можноста дека прашањето ќе биде разгледано на самитот на лидерите на ЕУ подоцна истиот месец или на друг состанок на министерите во јули.