Фото: Маја Јаневска-Илиева

На т.н. меѓународното тестирање ПИСА, каде што се проверуваат оспособеноста за читање со разбирање, критичкиот пристап во читањето пишани материјали, како и математичката писменост, Македонија е рангирана ниско на листата, а според последните резултати, од земјите во регионот зад нас беше само Косово. На што се должат таквите катастрофални резултати?

Ќе се обучуваат наставници за да обезбедиме подобар пласман на ПИСА

Со онлајн обуки на наставниците и директорите од средните училишта на ниво на држава, Министерството за образование и наука ги започна подготовките за претстојното пробно тестирање за ПИСА. На ова меѓународно тестирање, каде што се проверуваат оспособеноста за читање со разбирање, критичкиот пристап во читањето пишани материјали, како и математичката писменост, Македонија е рангирана ниско на листата, а според последните резултати, од земјите во регионот зад нас беше само Косово.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, посочи дека наставниците и директорите се најважната алка во постигнувањето добри резултати на тестирањата.
– За резултатите од тестирањата да станат наша национална гордост е потребна огромна посветеност и работа од сите нас. Затоа наставниците и начинот на кој тие ќе им го пренесат знаењето на децата ни се клучни во овој процес и во резултатите што ќе ги постигнеме идната година.
Подобрувањето на квалитетот и зголемувањето на ефикасноста на образованието според современите светски образовни стандарди, се клучни цели на нашата образовна политика. За таа цел ја организираме и оваа обука, која треба да ни ги подобри резултатите на претстојните тестирања – рече Царовска.

ПИСА (Програма за меѓународно оценување ученици) е меѓународна студија што ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште во ситуации од животот на крајот на задолжителното образование на возраст од 15 години главно во три подрачја: оспособеност за читање со разбирање – и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост – читање, интерпретирање и решавање даден проблем со организирање и толкување на дадени информации и избирање метод за решавање, и писменост во природните науки – препознавање научни прашања, користење научни знаења, идентификување на содржината во научните истражувања и поврзување на научните податоци со докази и заклучоци.

ПИСА е континуирана програма што дава увид во образовните политики и практики и помага во следењето на трендовите во стекнување знаења и вештини кај учениците на иста возраст во различни земји и различни демографски подгрупи во секоја држава. Оваа процена не потврдува само дали учениците можат да го репродуцираат своето знаење, туку испитува и колку добро можат да го искористат наученото во непознати ситуации, во училиште и надвор од него.
Лани Македонија беше на 11-то место, но одназад, на ранг-листата за постигнувањата на учениците на 15-годишна возраст по јазична писменост, математика и природни науки. Македонските ученици се под просекот според постигнатите резултати. Прва на листата е Кина.