Фото: Игор Бансколиев

Во јавноста се појавија многу нејаснотии, но и разногласието меѓу коалициските партнери за ингеренциите на првиот вицепремиер ја наметна и дилемата дали државата на некој начин ја удвојува премиерската функција или, пак, функцијата е димензионирана на таков начин за да му се излезе во пресрет на ДУИ во правдањето пред членството за неостварувањето на идејата за Албанец премиер. Правните експерти имаат јасни ставови за ова прашање и велат дека Законите не предвидуваат консензуално носење одлуки

Старо-новите коалициски партнери СДСМ и ДУИ ги објавија предлозите за кадровски решенија, кои ќе ги пополнат министерските места во новата влада, но она што предизвика особен интерес кај јавноста е воведувањето на функцијата прв вицепремиер, која, според меѓупартискиот договор, ќе ја врши Артан Груби, човекот од доверба на Али Ахмети.
По ова во јавноста се појавија многу нејаснотии, но и разногласието меѓу коалициските партнери за ингеренциите на првиот вицепремиер ја наметна и дилемата дали државата на некој начин ја удвојува премиерската функција или, пак, функцијата е димензионирана на таков начин за да му се излезе во пресрет на ДУИ во правдањето пред членството за неостварувањето на идејата за Албанец премиер.
Претседателот на СДСМ и актуелен мандатар Зоран Заев по обелоденувањето на предлозите ги отфрли претпоставките дека премиерот нема да може да донесе одлука без согласност од првиот вицепремиер.
– Нема да има врзани потписи меѓу премиерот и првиот вицепремиер – рече Заев по состанокот на Централниот одбор на партијата.
Но од друга страна, лидерот на ДУИ Али Ахмети изјави дека првиот вицепремиер ќе кораководи заедно со премиерот.

– Ние воспоставивме партнерство и последователно оваа влада ќе се кораководи од премиерот и од првиот вицепремиер, кој истовремено е и министер за политички систем, преку консензуално одлучување како начело на ковладеењето – рече Ахмети.
Очигледно новововедената позиција прв вицепремиер и ингеренциите што произлегуваат со неа коалициските партнери СДСМ и ДУИ или различно ги толкуваат или ги интерпретираат секој во своја полза.
Експертите сметаат дека ваквите изјави повеќе се производ на политичката пропаганда отколку на реалните состојби.
– Во согласност со важечките законски прописи нема консензуално носење одлуки. Владата како секој колегијален орган одлучува со мнозинство од присутните членови, така што тоа барем во Законот за влада, во Законот за организации и начин на работа на органите на управата и Деловникот на Владата не постои. Ова што се појавува во медиумите за консензуалното управување и врзаните потписи е за политичка пропаганда – вели професорот Борче Давитковски.

Според него, ако во иднина се сменат постојните законски прописи, тоа би било друга ситуација.
– Во развиените демократии немаме такви решенија, јас лично не сум сретнал – категоричен е Давитковски.
Негово мислење е дека сега станува збор за политички пазарења и дека Владата ќе продолжи како што си работела и досега, без никакви промени.
И за адвокатот Ѕвонко Давидовиќ станува збор за политички одлуки на оние што ја формираат Владата.
– Факт е дека политиката секогаш одела кон тоа да се договори, да ги испеглаат ставовите и да најдат заедничка солуција што одговара на партиските интереси за да ја освојат или да ја задржат власта – вели Давидовиќ.

Според него, Македонија треба да има граѓански концепт на општество, не етнички, за да се отстранат стравувањата за поделба на државата.
– Тоа е нешто што во минатото е прегазено. Сè додека гледаме кој од која националност е и додека партиите се формираат според национален предзнак, како албански, ромски, турски, ние вистински соживот, граѓанско општество, модерна држава и демократија нема да имаме. Сè додека на изборите се игра на национално и религиозно ниво нема напредок – заклучува Давидовиќ.