Постојан предизвик за државите претставуваат препознавањето и спречувањето на „мутациите“ на феноменот корупција, кој често може да се маскира под нови, навидум политички покоректни именувања – како „лобирање“. Со заложба за педантно и прецизно регулирање на овој феномен во легислативата и уште повеќе во практиката, со дефинирање на „линиите на премин од лобирање во корупција“, Владата го испрати во собраниска процедура, со европско знаменце, предлог-законот за лобирање

Борбата со корупцијата редовно е на врвот од очекувањата, барањата и критериумите на Европската Унија, според која се цени и напредокот кон европските вредности на земјите-кандидатки, како Македонија. Ноторна вистина е дека корупцијата воопшто не е нов феномен во современите општества, па дури и во развиените демократии. Токму затоа како постојан предизвик за државите претставуваат препознавањето и спречувањето на „мутациите“ на феноменот на корупција, кој често може многу лесно да се маскира под нови, навидум политички покоректни именувања – како „лобирање“.
Со заложба за регулирање на овој феномен во правната практика, односно дефинирање на линиите на премин од лобирање во корупција, Владата го испрати во собраниска процедура, со европско знаменце, предлог-законот за лобирање. Предлагач е Владата, а законот произлегува од Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија.
– Со овој закон се уредуваат условите за стекнување статус на лобист и лоби-организација, регистрирањето на лобистите и лоби-организациите, обврските на лобистите и лоби-организациите и обврските на лицата и органите кај кои се лобира, со цел транспарентност на процесите на подготвување, донесување и изменување на јавните политики, односно програми, закони, подзаконски или други општи акти. Законот се однесува и на лобирањето кај органите на законодавната власт, извршната власт и органите на единиците на локалната самоуправа.

Предложениот закон содржи одредби со кои лобирањето се регулира ориентирано кон принципите на отвореност, транспарентност, чесност, интегритет и заштита на угледот на институциите и лицата кај кои се лобира. Предвидени се балансирани обврски во обезбедувањето на информациите што се објавуваат за лобирањето и проактивност на институциите во објавување податоци заради зголемување на транспарентноста во однос на лицата што би можеле да влијаат врз процесите на подготвување, донесување и изменување на јавните политики, односно програми, закони, подзаконски или други општи акти, со цел да се превенира прикриеното лобирање – се вели во образложението на законот пред пратениците.
Предлагачот на законот констатира дека лобирањето надвор од законската рамка претставува ризик за корупција. Притоа се признава дека се идентификувани слабости во текстот на постојниот закон, кои укажуваат на потребата за концизно дефинирање на поимот лобист, но и на лицата што не можат да бидат лобисти; јасна дистинкција меѓу активностите што се сметаат и оние што не се сметаат за лобирање…
– Една од препораките на ГРЕКО од четвртиот круг на евалуација е да се воведат правила за односите на пратениците со лобисти и трети лица што настојуваат да влијаат врз законодавниот процес – се наведува и обврската спрема европските правни институции во образложението на законот и се истакнува дека основна цел на предложениот закон е транспарентност на процесите на подготвување, донесување и изменување на јавните политики односно програми, закони, подзаконски или други општи акти.

Некои од правниците сепак имаат резерва за приоритетноста и ефикасноста на предложениот закон во справувањето со корупцијата. Дури сметаат и дека со него може да се препознаат и елементи за своевидно легализирање на корупцијата.
– Законот за лобирање остава голем простор на дискутабилност во однос на неговата примена. Претенциозно е предимензионирана потребата за него, односно формулацијата „лобирање кај органите на законодавната власт, извршната власт и органите на единиците на локалната самоуправа“. Небаре сме федерација од видот на САД, па лобисти од една држава да лобираат пред властите на друга држава за одредени закони и друга регулатива. Нашиот правен систем никогаш не функционирал на таков начин, ниту имаме традиција за такво нешто. Овој закон може само да ги искомплицира состојбите со корупцијата, т.е. оние што се обвинети за корупција да се повикаат на него и да се претстават како „лобисти“. Лобирањето нема да го запре корупцискиот криминал – смета Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Професорот по Управно право при Правниот факултет на УКИМ, Борче Давитковски се согласува дека лобирањето е невообичаено на европскиот правен систем, но исто така не може да го одрече присуството на овој феномен и во македонското општество. Затоа професорот Давитковски смета дека е добро да се регулираат правилата во таа сфера, при што најмногу треба да се внимава на транспарентноста на процесите на лобирање.

– Ние веќе имавме Закон за лобирање, иако тоа е невообичаено за европското право. Не знам како досега функционирал тој закон, но штом се менува очигледно не бил доволно прецизен и добро е да се допрецизираат работите во поглед на транспарентноста за бенефицијата на лобистите. Односно да се прецизира кој може да лобира и за што може да се лобира. Во САД е дозволено, регулирано и многу вообичено професионалното лобирање пред Конгресот и Сенатот, односно пред органите на управата. Па, постојат од национални лоби-групи ( како албанско лоби), преку земјоделско , нафтено лоби… и други лобија што застапуваат одредени интересни групи. Иако во ЕУ сѐ уште не е регулирано лобирањето, во Македонија знаеме дека тоа во практиката се применува, па во тој контекст подобро е да биде регулирано и на некој начин легализирано – вели професорот Борче Давитковски.