Фото: Игор Бансколиев

За понеделник се предвидува лидерска средба, на која повеќе од извесно е дека ќе се разговара и за пописот и за тоа како да се најде решение за безбедно спроведување на операцијата и истовремено обезбедување максимален одзив, квалитет и успешност на пописот

Попишувачите влегуваат во приоритетната група за имунизација

Викендов се очекува првата поголема пратка на вакцини од механизмот „Ковакс“, како и вакцини од Кина и од Русија, така што во следниот период се отвора можност за вакцинирање на попишувачите, со што би се отстраниле сомневањата и можните ризици за здравјето на граѓаните за време на пописната операција.
Стравот кај дел од населението дополнително се зголеми откако и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, потврди дека имало четворица инструктори за попишување што биле заразени од страна на своите сопружници, без да прецизира дали тие инструктори претходно биле во контакт со попишувачите што ги обучувале.
Сево ова фрла и друга светлина околу здравствено-безбедносниот аспект, односно ако се земе предвид фактот дека станува збор за неколку илјади попишувачи што секојдневно се во контакт со членови на своите семејства, тогаш не се исклучува можноста во екот на пандемијата и тие да се заразат од некој член на своето семејство без да знаат, а во меѓувреме да посетуваат домови и да попишуваат.
Од друга страна, прашање е како заразувањето би се одразило и врз попишувачите, односно дали во случај на ширење на заразата меѓу нив би се забавил или закочил целиот процес на попишување.
„Нова Македонија“ и претходно пишуваше токму за можните ризици и последиците што можат да произлезат од посетите на невакцинирани попишувачи на домовите на граѓаните среде пандемија, што би можело да се одрази и на одзивот и квалитетот на пописот.
Сево ова ги алармираше властите, кои најавија дека попишувачите ќе бидат во првата група лица што ќе се вакцинираат со вакцините од механизмот „Ковакс“, кои ќе пристигнат викендов.

– Верувам дека пораката испратена од господинот Мицкоски, дека ако се вакцинираат попишувачите, а тие секако се планирани за првата група граѓани, тогаш тие јавно ќе дадат поддршка за пописот и тогаш навистина сите субјекти ќе бидат пропописот… Ако в недела стигнат вакцините, ќе можеме правовремено пред први да ги вакцинираме попишувачите – изјави Заев, кој најави дека во понеделник ќе се сретне со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, кој претходно порача дека нема намера да разговара со попишувач што не е вакциниран. Повеќе од извесно е дека двајцата лидери ќе разговараат за пописот и како да се најде решение за безбедно спроведување на статистичката операција.
Ако се оди според таа логика, односно вакцините пристигнат навреме, тогаш според нашите пресметки, во најидеални услови попишувачите првата доза би ја примиле најрано на 29 март, а втората доза би следувала две недели подоцна, поточно на 11 април, што значи дека почетокот на пописот на резидентното население би требало да биде поместен барем за втората половина на април или за почетокот на мај, кога со вакцинацијата на попишувачите и на дел од населението, како и со стриктна примена на сите протоколи, би се намалил ризикот од ширење на заразата.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека не е никаков проблем почетокот на пописот на резидентното население да се помести за недела-две ако за тоа се договорат политичарите, а дека таква одлука носи Собранието.
– Најавена е вакцинацијата на попишувачите, но дали ќе се одложи пописот на недела-две, или, пак, за еден месец, зависи што ќе се договорат политичарите. Ако се постигне договор, Владата ќе испрати до Собранието ваква одлука и тоа ќе гласа за евентуалното одложување. Во спротивно, пописот продолжува како што е предвидено – појаснува Герасимовски.

Според него, пописниот процес не би требало да се забави ниту ако има заразени попишувачи бидејќи постојат можности тие да бидат навремено заменети.
– Постојат две-три варијанти околу оваа работа. Едната е дека има од пет до десет отсто резервни попишувачи, кои биле на обука и се обучени, па доколку има потреба во секој момент можат да се вклучат во пописот. Втора можност е што сега се дава можност пописот да трае 21 ден, а порано беше од 1 до 15 во месецот. Тоа што е продолжен рокот за една недела значи многу. Вообичаено пописот за еден попишувач, или во просек цел попис, трае максимум од седум до 10 дена. Преостанатиот период, а сега се тоа речиси две недели, има празен период. Сега на овој попис е забрзана постапката. Ако во минатото во едно домаќинство се задржувавме по еден час, сега тоа би било максимум половина час, во зависност од возраста, од давање брзи податоци, па така и тука се добива во време и тој попишувач може да заврши побрзо работа. И штом побрзо заврши работа, истиот попишувач може да се префрли во друг круг каде што исто може да заврши работа ако има потреба, со што повторно би се покрил евентуалниот недостиг од попишувачи – истакнува Герасимовски.
Микробиологот Никола Пановски не гледа ништо спорно попишувањето да се помести и во мај, јуни, па дури и септември.
– Подруго ќе беше да се одложеше пописот за крајот на мај или јуни, па, еве, дури и септември не е лоша опција. Со вакцинирани попишувачи ќе го имаше оној психолошки момент кај луѓето дека пописот е безбеден – вели Пановски.