Спорот помеѓу Македонија и Бугарија деновиве се пресели во хрватскиот политички простор до таа мера што бугарските власти решија да реагираат со дипломатски, но и со некои не баш дипломатски средства

КАКО МАКЕДОНСКО-БУГАРСКИОТ СПОР ЈА ОКУПИРА ХРВАТСКА

Пренагласената меѓусебна нетрпеливост помеѓу претседателот и премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, и меѓупартиските тензии помеѓу двата круга локални избори доби уште една димензија. Имено, спорот помеѓу Македонија и Бугарија деновиве се пресели и во хрватскиот политички простор. Но антагонизмот по тоа прашање не остана само меѓу спротивставените политички кампуси во Хрватска, туку ескалира до таа мера што бугарските власти решија да реагираат со дипломатски, но и со некои не баш дипломатски средства. Повикувањето на хрватската амбасадорка во Софија, Јасна Огњановац, на разговор во бугарското министерство за надворешни работи и пријавата на бугарската амбасадорка во Загреб, Генка Весилева Георгиева, дека во изминатите денови во Хрватска се случиле три инциденти со бугарски државјани, се двете за медиумите и за поширока јавност, како во земјата, така и во регионот, секако најинтересни рефлексии на неодамнешната изјава на хрватскиот претседател Милановиќ на самитот на државите на Западен Балкан во Брдо кај Крањ, во Словенија, кога тој со жестока реторика ја осуди бугарската блокада на евроинтегративниот процес на Македонија.
– Тоа е навлегување во интимниот простор. Не се прави така во 21 век. И тоа, воопшто, не е основа за утрешниот соживот во ЕУ – рече тогаш, меѓу другото, Милановиќ и предизвика ефект на вистинска шок-бомба за бугарската дипломатија, која очигледно не очекувала сличен напад од земја-членка на Унијата, на која и самата ѝ припаѓа.
Иако Милановиќ го кажа она што не само повеќето политичари и граѓани на неговата земја туку и генерално, на Европската Унија, го мислат, тоа, како и во безброј пригоди досега, беше повод за политичката престрелка во која премиерот на Хрватска, Пленковиќ, го обвини оти „со своето антибугарско хушкање“ дал повод за неколку напади врз државјаните на Бугарија во Хрватска.
А за какви напади, всушност, станува збор допрва треба да покаже полициската истрага, откако бугарската амбасадорка во таа земја Весилева Георгиева ги пријавила веднаш по изјавата на Милановиќ.

Според хрватските медиуми, во првиот од пријавените случаи, хрватски таксист реагирајќи зашто една повозрасна жена при влез во возилото пресилно му ја удрила вратата, наедно ја прашал и од каде доаѓа. Кога таа одговорила дека е од Бугарија, тој, наводно, агресивно ѝ одговорил: „Вие, Бугарите, со својата валкана политика кон Македонија доаѓате да живеете тука во нашата убава Хрватска!“ Потоа го запрел возилото и побарал да плати и да излезе. Притоа, наводно, грубо ѝ ја дофрлил торбата, поради што таа паднала.
Во вториот случај, при вообичаена расправа за потеклото на стоката на пазарот, што се развила во насока на потеклото на учесниците во дебатата, еден од продавачите обвинувајќи го купувачот Бугарин дека неговата земја „ја уценува несреќната Македонија“, кон него фрлил и некаков предмет.
Третиот случај, како што известуваат хрватските медиуми, со интервенција на бугарската амбасада, веќе бил решен откако една од државјанките на таа земја се пожалила дека на нејзиниот син му бил забранет пристап во градинка во Загреб.
Но без да почека резултати од полициска истрага, трите случаи Пленковиќ ги стави на душата на Милановиќ, а колку вербалната престрелка помеѓу двајцата први луѓе на Хрватска и воопшто дневнополитичките теми се издржани и издржливи, со својот наслов, мошне прецизно отслика еден од тамошните медиуми, констатирајќи оти, додека Милановиќ и Пленковиќ се караат, македонскиот и бугарскиот претседател, Стево Пендаровски и Румен Радев, одат заедно на аудиенција кај папата. Д.М.М.


Заев: Секојпат ни се добредојдени пријатели од европските земји, но спорот со Бугарија е билатерален

Премиерот на Македонија не сакаше да ја коментира кавгата помеѓу претседателот и премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, но тој меѓу другото изјави: „Секојпат ни се добредојдени пријатели што сакаат да помогнат. Но, дефинитивно, ова е билатерален спор и ние билатерално треба да го решиме.“