Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска денеска од пред зградата на МНР во нејзината изјава се осврна на црвената линија и одбраната на националните интереси во спорот со Бугарија.
– Би сакала денеска од пред зградата на МНР да кажам нешто кое целиот свет го знае, а тоа дека националните интереси се црвена линија за секоја една европска и светска држава, само за Зоран Заев македонските национални интереси се како низа црвени пиперки коишто седнал да ги продава како на една тезга во Муртино.
Би сакала да направам и една паралела со актуелното фудбалско првенство коешто е во тек и на коешто вчера видовме дека целиот македонски народ се обедини и во еден глас навиваше за нашите фудбалери, фудбалерите на репрезентацијата на Македонија, повторувам на Македонија. Додека пак од друга страна тука во Македонија имаме еден лажен навивач и лажен преговарач, тоа е Зоран Заев, којшто единствено за коешто навива и преговара е да се спаси од сопствените велепредавства и криминали – додаде пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потенцира дека нејзината партија секогаш била на линијата на мнозинството македонски народ.
– Би сакала да порачам дека остануваме тука и утре, а за тоа што ќе се случува после среда, односно после онаа Комисија останува да го изразиме нашето мислење и став откако сето тоа ќе се случи. Македонија според Устав е независна, самоуверена и самостојна држава и секој кошто ќе се одлучи ова да го прекрши, односно којшто ќе се обиде дел од декларацијата на Бугарија којашто е усвоена во бугарскиот парламент во декември 2019 година, ќе значи дека го нарушува Уставот на Република Македонија и за тоа еден ден секако ќе одговара, а ќе одговара пред оние судови во коишто нема да е вмешано името на Зоран Заев преку неговите судии, обвинители и итн – порача Стојаноска.