Премиерот Заев го претстави четвртиот пакет мерки

633

Нова финансиска помош за домашната економија

Вкупно 31 мерка во вредност од 470 милиони евра изнесува четвртиот пакет економски мерки, со кои Владата ќе им помогне на граѓаните, вработените и на стопанството за да се надминат последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Заедно со претходните три пакети мерки вкупната помош надминува 1 милијарда евра насочени кон граѓаните, работниците и кон стопанството, со намера да се одржи стабилна економијата и со потенцијал за ревитализација.
Ова го соопшти премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција, на која ја презентира содржината на четвртиот пакет мерки.
Меѓу позначајните мерки е продолжување на поддршката на компаниите за исплата на плати за последните три месеци од годинава, што сега ќе биде потаргетирана и ќе зависи од нивото на погоденоста на фирмите од ковид-19. Новиот пакет е продолжение на претходните три пакета, а целта е да се обезбеди одржливост на македонските економски дејности и работните места.


Мерки од четвртиот пакет

  • Исплатата на платите за последниот квартал од годинава ќе се движи од 14.500 денари поддршка, па до 21.776 денари. Оваа мерка ќе важи за компании, самостојни вршители на дејност, како и земјоделската и занаетчиската дејност и за лица што вршат други услуги.
  • Платежна картичка за поголема потрошувачка и за развој на домашните економските дејности. Овој пат платежните картички се со износ од 6 илјади денари и ќе ги добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15 илјади денари, студентите, филмските работници, пасивни баратели на работа. Оваа мерка ќе изнесува 27,2 милиони евра, а ќе бидат опфатени над 280 илјади граѓани.
  • Зголемување на грејс-периодот за бескаматните кредити од ковид (1). Владата преку Развојната банка ќе има даде на постојните корисници на кредитни линии дополнителни три месеци грејс-период пред да започнат со исплата на ануитетите од земените кредити.
  • Сто милиони евра поволни кредити од Развојната банка за поддршка на домашните компании, кои ќе бидат пласирани преку деловните банки.
  • Поддршка на платите за последниот квартал ќе има и за 150 туристички водичи и оваа мерка ќе чини 160 илјади евра. За туристичкиот сектор е донесена мерка за поврат на туристичката такса за 2019 година за 4.740 хотелиерски субјекти во вредност од 2 милиони евра.
  • За 500 туристички агенции ќе бидат обезбедени грантови во вредност до 1,9 милион евра, а тие ќе се распределуваат во зависност од бројот на вработени и во зависност од тоа дали туристичките агенции се носители на А или Б-лиценца.
  • Укинување на парафискалните давачки за компаниите како давачки, надоместоци, лиценци и друго.
  • Грантови ќе добијат и рестораните за свадби, односно мерката ќе имаат право да ја користат сите регистрирани и лиценцирани субјекти во оваа дејност. Мерката ќе изнесува еден милион евра, а грантовите ќе се доделуваат во висина од 3 илјади до 10 илјади евра во зависност од остварениот промет во 2019 година.