Политичките лидери во земјава вчера го остварија своето граѓанско право и гласаа на локалните избори, сите имаа исто очекување, процесот да мине во фер и демократска атмосфера
Пендаровски: Да останеме
мобилни до крајот на изборниот процес
Според досегашните информации, еве, веќе половина од изборниот ден во првиот круг се одвива во генерално позитивна атмосфера. Јас се надевам дека до крајот на изборниот ден ќе остане така и, се разбира, по 19 часот, во периодот кога треба да ги пребројуваме и објавуваме резултатите од локалните избори. Сепак, секоја сериозна држава мора да остане мобилна до крајот на изборниот процес – изјави претседателот, откако вчера во придружба на сопругата и синот гласаше во населбата Автокоманда.
Тој очекува и на 31 октомври, за време на вториот круг, да се задржат интегритетот и кредибилитетот на избирачкиот процес.
Заев: Избори какви што ѝ доликуваат на членка на НАТО и аспирант за ЕУ
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, гласаше во Струмица, од каде што порача дека македонската демократија е пред уште една победа.
– Македонската демократија е пред уште една победа. Денеска сведочиме на фер, слободни и демократски избори, впрочем како што ѝ личи на една земја членка на НАТО и аспирант за членство во Европската Унија – истакна Заев.
Според него, граѓаните знаат колку се важни овие локални избори затоа што се врзани со секојдневието на граѓаните, со нивниот живот, семејства и со нивните секојдневни потреби.
– Затоа, верувам дека ќе ги изберат најдобрите советници и градоначалници. Драго ми е што кампањата помина со доминантно присуство на позитивната атмосфера, наместо негативната атмосфера. Драго ми е што имавме навистина европска изборна кампања и верувам дека и денеска ќе имаме европски изборен ден, каде што доминираа проектите, програмите, наспроти лажните вести. Во едни такви околности, убеден сум дека со овие избори испраќаме уште еднаш порака во каков правец треба да се движат нашата држава и нашите општини, затоа што граѓаните дефинитивно го очекуваат најдоброто за нив – истакна Заев.
Џафери: Граѓаните да ги изберат оние што сметаат дека се најдобри
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, гласаше во избирачкото место 0502 во гостиварското село Форино.
– Го искористив правото на глас. Засега, процесот тече без проблеми и сè во ред. Апелирам до крајот на денот така и да продолжи со ваков ритам. Апелирам и до граѓаните да излезат и да ги искористат можноста и правото да ги изберат најдобрите за кои тие сметаат. Наедно им посакувам успех на сите што учествуваат на овие избори – порача Џафери.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање за обвинувањата од политичките опоненти дека агитирал во време на предизборен молк, ги демантираше таквите наводи, додавајќи дека тоа е неточно и дека бил во посета на соседи за да изрази сочувство.
Мицкоски: Единствен начин да се стави крај на апатијата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, своето избирачко право го оствари на избирачко место во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае.
– Тоа е единствен начин како да се стави крај на оваа апатија, на безнадежност, која владее во државата, на огромен криминал, корупција и сето она коешто во изминатиот период претставува сериозен проблем. Без разлика за кого го дадоа својот глас, ја имаат сета моја почит и им благодарам за тоа што го остварија своето граѓанско право и излегоа на овие избори. Сето она што се случуваше изминатите денови, сите нерегуларности, притисоци, закани, уцени, поткупи, можат да се надминат само со масовен одзив и затоа ги повикувам граѓаните, без разлика за кого ќе го дадат својот глас, тие најдобро знаат за кого ќе гласаат и тие се секогаш во право. Затоа повикувам на голем и масовен одзив – истакна Мицкоски.
Ахмети: Од овие избори зависи европската перспектива
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, гласаше на избирачкото место во селото Зајас.
– Граѓаните своето демократско право ќе можат да го искористат со правото на избор кому да му го дадат својот глас. Од овие избори зависи и европската перспектива на земјава. Во изминатите 20 години сме имале проблеми со влез во НАТО и во ЕУ. Сега откако влеговме во НАТО и го решивме проблемот со Грција, очекувам наскоро да го решиме и проблемот со Бугарија и целосно да го отвориме патот кон ЕУ – порача Ахмети.
Шилегов: Празник за демократијата
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, вчера гласаше на изборното место во населбата Тафталиџе.
– Денеска е празник за демократијата во Северна Македонија, празник за демократијата во Скопје и скопските општини. Заедно со своето семејство ја исполнив својата граѓанска должност и обврска да го дадам својот глас. Бидејќи одзивот е во рамките на тоа што го очекуваме, очекувам победа уште во првиот круг, затоа што во самата кампања скопјани можеа да препознаат кои се луѓето коишто го водат овој град напред – истакна Шилегов, очекувајќи победа уште во првиот круг.
Арсовска: Скопје ќе биде град на среќни луѓе
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, го оствари своето право на глас на локалните избори на гласачкото место во Општина Ѓорче Петров.
– Заедно со семејството гласавме на локалните избори и се надевам дека ќе донесеме убава промена за градот Скопје и една убава промена за она што сметаме дека Скопје ќе биде град на среќни луѓе. Би сакала во оваа прилика да им се заблагодарам на сите скопјани што ме поддржаа и би сакала да ги охрабрам да го искористат своето право да го одберат оној човек за кој сметаат дека најдобро ќе придонесе во следните години Скопје да биде поубаво место за живеење – изјави Арсовска по гласањето, апелирајќи до граѓаните да го искористат правото на глас. С.Т.