Аналитичари, дипломати, правници, но и пошироката јавноста се едногласни во тврдењето дека поимот за меѓународна правда во Македонија се одомашил во спротивна конотација и значење од светскиот термин. Во едни вакви околности, каде што се дејствува по принципот кој е посилен тој прави што сака, редица меѓународни организации губат секакво значење
Светскиот ден на меѓународната правда и искуствата на Македонија
Неодамна меѓународната заедница го одбележи Светскиот ден на меѓународната правда 17 јули. Овој значаен светски ден, за Македонија, пак, има сосема поинакво значење. Со години, барем кога станува збор за Македонија, поимот меѓународна правда сѐ повеќе се идентификува и станува своевиден синоним за неправда отколку за правда. Потврда за ова се редица примери кога нашата земја ја почувствува неправдата на сопствената кожа и на штета на нашите интереси и позиции во глобални рамки.
Имено, во спорот што се водеше со децении со соседна Грција, нашата земја во 2011 година во Меѓународниот суд на правдата во Хаг ја доби пресудата, во која се оцени дека Грција ја прекршила Привремената спогодба со Македонија, со нејзиното ветото за блокада на Македонија во НАТО во Букурешт во 2008 година. Но оваа пресуда од највисока меѓународна судска инстанца никогаш не заживеа во практиката и неа воопшто не ја почитуваше ниту самата ЕУ ниту други меѓународни тела и органи. Напротив, и покрај пресудата во рака дека Грција не смее да нѐ блокира, подоцна Македонија повторно под притисок и присила беше принудена да го смени своето уставно име, што е случај без преседан во меѓународната практика.
Натаму, под притисок на меѓународната заедница и на албанските партии во македонскиот парламент, беше изгласана амнестија за припадниците на поранешна ОНА. Понатаму, Хаг во 2008 година ги врати на судење во Македонија неколкуте големи случаи поврзани токму со злосторствата на ОНА против човештвото. Иако овие дела не застаруваат, досега ниту еден од овие случаи не излезе пред лицето на правдата, ниту пак меѓународната заедница покажа интерес за нивно правно процесирање.
Нов апсурд на меѓународната (не)правда со кој се соочува Македонија е бугарската блокада за наше членство во ЕУ. Имено, Софија, негирајќи ја посебноста на македонскиот народ, јазик историја и традиција, дрско и без меѓународни санкции ги прекршува основните човекови права и слободи што се загарантирани со Венецијанската конвенција. Со уцените и блокадите на Бугарија кон Македонија се прекршуваат и редица други меѓународни правни арти и стандарди, меѓу кои и Копенхашките критериуми на самата ЕУ.
Дополнително, со ветото Бугарија го крши билатералниот Договор за пријателство, кој е во сила од 14 февруари 2018 година.
Во контекст на актуелните случувања, дипломатите и правниците со кои се консултиравме велат дека поимот за меѓународна правда во Македонија се одомашил во спротивна конотација и значење од светскиот термин.
Тие објаснуваат дека лошите искуства на нашата земја со овие прашања се должат на непримената на меѓународното право, иако случаите формално и правно со судски пресуди биле во полза на Македонија, тие сепак не се спровеле така во практиката.
Универзитетскиот професор Михаил Вит вели дека меѓународното право е комплексна материја, која во суштина е само платформа на која би можело да се спроведат меѓународните норми, но истовремено и не е загарантиран механизам дека на дело ќе се практикува некоја пресуда на суд или одлука на меѓународна арбитража.
– Во суштина и, за жал, меѓународната политика е поле во кое посилните ги протуркуваат на мирен начин со мека моќ нивните одлуки или на присилен начин со војна или агресија. Тоа значи дека меѓународната правда не секогаш е механизам што значи и еднаквост и кој значи и инструмент за праведност како ќе се регулираат одредени меѓународни односи – вели Вит.
Професорот објаснува дека изминативе декади, особено по падот на Берлинскиот sид, меѓународната организација како ОН губи секакво значење и внатре во неа се дејствува во практика врз принципот кој е посилен тој прави што сака, а кој е послаб тој, пак, мора да слуша.
– Ако навистина сакаме во скоро време да ги промениме овие случувања, тогаш мора да има реформа на меѓународната светска организација. Поради неактивност, претходникот на ОН, кој се нарекувал Лига на нациите, пропаднал, а сега е времето да се учи од минатото и да го спасиме меѓународното право додека сѐ уште можеме – објаснува професорот.
Тој вели дека Македонија заедно со повеќето држави од Источна Европа влегува во групата земји што во суштина не можат да го дигнат својот глас поради многубројните неправди нанесени од силните светски центри и токму затоа перцепцијата за меѓународното право е таква каква што е во земјата.
Ставре Џиков, поранешен судија и државен јавен обвинител на Македонија, во својот осврт на актуелните случувања оценува дека кога ќе се споменат Меѓународниот суд во Хаг и т.н. Хашки случаи за воени злосторства сторени во нашата земја, по автоматизам се добива перцепција дека говориме за политика, а не за правда и судство.
Џиков, навраќајќи се на четирите Хашки случаи, вели дека тие се стопирани поради силно политичко влијание, но тој недвосмислено издвојува дека треба да се знае оти судските случаи поврзани со воени злосторства никогаш не застаруваат.